Смртта на рок ен рол легендата Бора Ѓорѓевиќ длабоко го потресе целиот регион. Неговото заминување трогна милиони негови поклоници, неколку генерации кои растеа, созреваа и живееја со незаборавните песни на единствениот Бора – Чорба! Од оние кои лично воопшто не го познаваа, но нивните песни им беа така блиски, до оние кои му беа најблиски.
Еден од луѓето кои со години беше менаџер на Бора -Чорба на неговите соло настапи, а и на бендот во Македонија, беше македонскиот рок музичар и еден од најпознатите естрадно-музички менаџери, Сашко Андриески, попознат како Сале – Рокер или Сале СРВ.
Токму затоа Сале викендов по последното испраќање на рок легендата, дојде специјално во Чачак за да го посети неговото вечно почивалиште.
Со икебена свежо цвеќе во раката и две македонски знамиња кои ги положи на гробот на својот пријател.
„Многу ми е жал што замина. Во мое име и во името на твоите фанови во Македонија, те поздравувам за последен пат… Бидејќи бараше да ти вкрстат две гитари наместо споменик, јас вкрстив две македонски знамиња со 16-кракото сонце од Кутлеш… Немам други зборови… Единствено почивај во мир и нека те чуваат ангелите“ – без зборовите кои Сашко Сале Андриевски ги изусти пред вечниот дом на Бора – Чорба.
Потоа како што налага редот, се прекрсти и запали свеќа за светол пат на душата на својот пријател.
Освен професионалната соработка, Сале и Бора со текот на годините станаа и приватно блиски пријатели. И кога некои други и организираа концерти на групата, ниту еден концерт на „Рибља Чорба“ или посета на Бора на Македонија не можеше да мине без да се видат. Тоа пријателство со текот на времето спонтано вроди и музичка соработка.
Сале и неговиот придружен бенд СРВ знаеа да бидат предгрупа на некои концерти на „Рибља чорба“, а Бора го испочитува својот менаџер и пријател до таа мерка, што заедно со него пееше на една од песните на Сале, насловена „Јас не сум луд“.
И не само тоа, туку Бора специјално дојде на промоцијата на песната и ЦД -то на Сале и неговите СРВ, која тогаш се одржа во еден познат локал во центарот на Скопје.
Говореше на истата, а потоа и стана да запее заедно со својот домаќин и пријател и неговиот бенд.
Нешто што тешко дека некоја друга толку голема регионална музичка ѕвезда од тој калибар би го направила!
Но и никој друг од Македонија, од оние што соработуваа со Бора и организираа концерти и настапи на „Рибља чорба“ кај нас, освен Сале не дојде да ја испрати музичко-поетската рок легенда и за последен пат од вечното почивалиште да се збогува со рок легендата на неговиот пат кон вечноста.
Фото: Приватна архива
Видео: Фејсбук/Sasko Sale Andrieski