Драган Б. Костиќ нема кој не го знае… Лично многумина, особено оние повозрасните, уште од времето на првите ДЈ-ски денови во диско „Турист“, а неговиот глас го препознаваат речиси сите генерации. Македонската радиоводителска легенда, човекот кој илјадници часови и пет децении зад радиомикрофонот ја забавуваше, информираше едуцираше својата многубројна публика… И не престана да го прави тоа и сега, кога е во пензија.
Еден од најголемите познавачи на светската музика, историјата на бендовите и пејачите, нивните песни, светските топ листи, сопственик на една од најголемите колекции плочи, човек кој целиот свој живот им го посвети на музиката и радиото, бардот на македонското радиоводителство и денес е активен создавајќи свои проекти.
По „Радио урнебес“, „Диско селектор“, „Заборави ако можеш“, „Кавервил“, „Чартфајл“, „Б.“… на ред стигна и проектот наречен „Сто приказни за сто песни“. Овој пат Б. Костиќ ја опсервираше македонската музичка сцена, нејзините случувања, најголемите и најпознати хит песни, нивното настанување, изведуачите, авторите и уште што ти не спакувано во посебна аудиовизуелна приказна за секоја песна. Проект тежок да се создаде како планина, а значаен како цела една историја, што всушност и е… И тоа специфична, своевидна, оригинална, единствена. Нешто што ќе остане како документ за навека, за идните поколенија, за постоењето, битисувањето и опстојувањето на македонската песна, како дел од културното наследство на Македонскиот народ, како нераскинливо ткиво од неговиот идентитет…
Арно ама, за кого? „За кого бијат камбаните“ кога оние што треба најмногу да ги слушнат, ги слушаат кога во „црквата влегува само нивниот поп“!? Македонската радио легенда Драган Б. Костиќ има „Сто приказни за сто песни“, ама попусто. Тие што требаше најмногу да ги слушнат се „оперирани од слух“, па останаа „глувонеми“! Без трошка чувство за национална важност, за историско значење, за нешто што е битно и за нас и нив и за нивните деца, за сите… Пиљарско – пазарџиското чувство само за тезга од која се има ќар повторно ќе преовладее, па бидејќи од ваков проект за некого „нема есап“, нема што да се замара и да губи време. Ова не се мери на кило, а не е ни жива мера, па некој друг нека му ја мисли!
Така проектот злато вреден остана нереализиран… Не барем до крај. А идејата генијална… Идејата го движи светот, а реализацијата го овозможува напредокот. Ама кога некој Салиери не ја разбира ниту идејата или „баш го заболе за неа“, нема ни реализација, ни напредок… Има само тонење во калта или во живиот песок, поточно.
Но, белким сите не се исти „како до сега“, па затоа и надежта последна умира. Со истата таа надеж дека набргу проектот „Сто приказни за сто песни“ ќе биде до крај реализиран, еве ја неговата приказна… На авторот и водител Драган Б. Костиќ, за тоа како од власта бил, окачен, отфрлен и изигнориран:
„Пријатели мои драги, сакам да ви раскажам една сторија….
Колку пати повторена воведна најава, само Господ знае.
И речиси секоја имала свој завршеток. Речиси…
Една, за жал не.
И покрај тоа што во неа вложив многу труд ( со неколкумина мои соработници), проект кој требаше да претставува најслушлива, најгледлива, најверодостојна приказна за македонската популарна песна, документирано, со сведоштва на актерите низ децениите….Направивме демо варијанта на една од стоте одбрани значајни песни за развојот на македонската забавна музика (без оглед на трендот), собрани на шест дискови, во репрезнтативна опаковка, со книга со приказни за секоја песна и нивните интерпретатори, со можност за емитување на телевизии кои би пројавиле интерес, со радијска варијанта која би им била ставена на радио станиците ширум Македонија…СТО ПЕСНИ по десетина минути, СТО емисии за оној кој би сакал…….Но, проектот ги надминуваше нашите финансијски можности. Се обратив до министерството за култура, бев одбиен.Без образложение. Се обратив до кабинетот на премиерот (во тоа време Зоран Заев) за да ме прими… Не ме прими… Но бев известен дека ќе ме прими некоја негова соработничка. На закажаната средба, формален муабет. Губење време и мое и нејзино.
И така, остана само оваа демо снимка за една од најзначајните македонски музички творби.Во меѓувреме, судбата си го стори своето. Заминаа некои од актерите во оваа историско сведоштво за македонската музичка култура, спласна мојот ентузијазам, остана огорченоста заради тоталниот неинтерес на стожерните државни институции.
А мислев дека тоа ќе биде круна на целата моја кариера, која еве, ооваа година е педесетата од неа.
Одгледајте го ова видео.Потрошете десетина минути од вашето драгоцено време, кои нема да бидат попусти. Можеби, тука и таму има некои замерки, но во реализација.Не и содржината. Бидејки идеата го движи светот а реализацијата го овозможува напредокот“.
Фото: Фејсбук/ Dragan B. Kostic