Еден од најпознатите изведувачи од екс-Ју простори, автентичен и со гласот и во појавноста, Лео Мартин, годинава на „Охрид фест 2024“ ја добива наградата за безвременски хит. Имено, композицијата „Одисеја“ евидентно стана евергрин добивајќи уште едно признание, а „Охрид фест“ останува доследен на својата цел да ги испочитува големите имиња од минатото, сите оние што оставиле трага во музиката.
Како сте Лео, како најчесто ве ословуваат, со името од личната карта -Милош, или со вашето уметничко име?
– Сите ме викаат Лео, а сопругата и нејзиното семејство ми велат- Мартин. Единствено мојот покоен пријател, композиторот и диригентот Војкан Борисављеевиќ ме ословуваше со моето вистинско име – Милош.
Имате ли спомени врзани за Македонија, дали досега сте биле во Охрид?
-Да, ја сакам вашата земја, бев многупати а таму живее и мојот син со семејството. Учествував на Скопски фестивал, и тоа со забележителен успех, се сеќавам на песните „Да нема разделби“, „Билјана“… Во Охрид бев во рамките на турнеја на „Практична жена“ и тоа траеше една недела. Охрид е прекрасен, се радувам што ќе го видам повторно.
Вашата најголема популарност се случи во 70-тите и 80-тите години на минатиот век. Тогаш се роди хитот „Одисеја“, со кој не отидовте на Евровизија, но оваа песна стана вистински евергрин. Годинава на „Охрид фест“ е прогласена за безвременски хит. Како реагиравте на тоа дека „Одисеја“ сеуште се помни?
– „Одисеја“ е вонвременска песна, ја пеат и стари ама и млади, на разни натпревари. Тоа е добро бидејќи и даваат надеж на добрата музика која се слуша. За жал, денес музиката повеќе се гледа одошто се слуша и тука престанува музиката. Што се однесува до фестивалското признание, се разбира дека бев почестен што „Одисеја“ е прогласна за безвременски хит. Навистина ми е голема чест.
Вашата биографија ја краси интернационалната кариера и големи хитови како што се „Лаку ноќ драги…“, „Ја те волим“, „Збогом“… На што од вашата богата кариера најрадо се сеќавате?
-Првите плочи почнав да ги снимам во странство во 1968 за CBS, „Let Me Stay“ и други песни кои по лиценца пристигнуваа во Југославија. Домашната кариера ја започнав со песната „Волите се људи“ од Корнелије Ковач, потоа „Барбара“ од Вељко Вујичиќ, а потоа започна најуспешен дел од мојата кариера, соработката со Војкан Борисављевиќ- „Одисеја“, „Ја те волим“, „Збогом Кристина“, „Лаку ноќ драги“, „Добро вече мој животе“, „Песмо моја“ и др. Тоа е периодот на кој најрадо се сеќавам.
После толку многу песни, турнеи, концерти…, искуство. Кој е советот што би им го дале на оние кои допрва ја почнуваат кариерата?
-Совет?! Ако мислат да се занимаваат со музиката цел живот и да остават некаква трага, тогаш таа работа треба многу серизно да ја сфатат. Да се музички и секако образувани, точни и талентирани. А треба многу да се работи, да се вежба, да се слуша. Во спротивно, се е со кус здив и губење на време.