Мегафон КОНЦЕРТ

Лени Партикова со голем солистички концерт во Тетово: „Корените македонски да не се заборават“

Лени Партикова со голем солистички концерт во Тетово: „Корените македонски да не се заборават“

Македонска пејачка Лени Партикова на 30-ти март во Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово, ќе го одржи својот прв голем солистички концерт пред македонската публика. Таа досега има снимено голем број на песни со кои има настапено на повеќето еминентни и познати македонски музички фестивали.

За самиот концерт, неговата организација и подготовка, Лени за Музика24 вели:

„Еден мој голем сон ќе се оствари да имам свој солистички концерт. Со многу голема љубов и посветеност мојот сопруг Жарко Ѓоргески успеа со голема доверба и почит за мојата работа како уметник да го организира и реализира овој концерт. На истиот ќе бидат изведени мои авторски песни од албумот „Со срце и душа за Македонија“, и стари изворни песни од моите два нови албуми „Корените македонски да не се заборават“. По нив и самиот концерт го доби насловот. Првиот мој солистички концерт ќе се одржи на 30-ти март во Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово, бидејќи сум тетовска снаа. Но, тука со концертите не застануваме. Подготвуваме и концерти кои што ќе се одржат во Скопје, а и многу други градови ширум Македонија, а секако, и надвор од нашата татковина… но за тоа во друга прилика“.

Таа меѓудругото додава дека за време на концертот со неа на сцената ќе бидат и прекрасните деца-играорци од КУД „Шара“, како и детскиот хор „Лале“ од Тетово. На сцената музичката поддршка ќе бидат нејзините почитувани колеги група „Круна“ заедно со двајцата врвни хармоникаши Робертино Стефановски и Златко Мадевски. А ќе гостува и дувачкиот оркестар „Весела дружина“.

„Како јаготка на шлагот на овој долго подготвуван и очекуван концерт ќе бидат моите драги колеги со кои долги години соработувам, нашата фолк дива Благица Павловска, Флори Манев како и Раде Младеновски. Сите оние кои ја сакаат и почитуваат македонската убава и квалитетна музика се секако добредојдени, а ние ветуваме одлична и незаборавна вечер со многу многу музика“, додава Лени.

 

To top