Магдоносот е неизоставна ароматична билка во кујната, а се користи за зачинување риба, месо, зеленчук и сосови. Сепак, често се случува свеж магдонос да немаме при рака токму кога ни е потребен. Замрзнувањето е одлично решение за зачувување на неговиот вкус и арома во текот на целата година.
Состојки:
магдонос
вода
сода бикарбона
Потребно:
1 чинија
хартиена салфета или кујнска крпа
кесички за замрзнување
Постапка:
Отстранете ги пожолтените или оштетените листови.
Кратко исплакнете го магдоносот под млаз вода.
Потопете го во чинија со вода и една кафена лажичка сода бикарбона за да ги отстраните нечистотиите и остатоците од земја.
Нежно истријте ги листовите со раце за темелно да ги исчистите.
Повторно исплакнете го магдоносот под млаз вода и добро исцедете го.
Исушете го со хартиена салфета или чиста кујнска крпа. Оставете го целосно да се исуши за да спречите создавање мраз при замрзнувањето.
1. начин – цели листови
Одберете ги најубавите листови и ставете ги во кесичка за замрзнување. Истиснете го воздухот од кесичката, добро затворете ја и напишете го датумот на замрзнување. Чувајте го магдоносот во замрзнувач на -18 степени Целзиусови до 12 месеци.
2. начин – сечкан магдонос
Ситно исечкајте го магдоносот со нож или во сечко. Распоредете го во калапи за мраз и прелијте со малку вода или маслиново масло. Замрзнете го, а потоа замрзнатите коцки префрлете ги во кесичка за замрзнување.
Како да го користите замрзнатиот магдонос?
Цели листови: Извадете ги директно од замрзнувачот, искршете ги со раце и додајте ги во јадењето без претходно одмрзнување.
Сечкан магдонос: Замрзнатите коцки користете ги за зачинување супи, сосови и други топли јадења.
Корисни совети
Магдоносот замрзнете го додека е свеж за најдобро да ги зачувате неговата арома и боја. Ако не можете веднаш да го замрзнете, ставете го во чаша со вода како букет цвеќе. Така може да остане свеж неколку дена.
Не го одмрзнувајте магдоносот пред употреба, бидејќи така ќе ја изгуби текстурата и дел од вкусот.
Со маслиново масло или други билки
Сечканиот магдонос можете да го замрзнете со маслиново масло. Така ќе ја зачувате неговата свежина, а подготвените коцки се особено практични за динстање и подготовка на топли јадења.
Магдоносот може да го замрзнете и заедно со босилек, мајчина душица или рузмарин и да направите готова мешавина од ароматични билки.
Колку долго може да стои замрзнатиот магдонос?
До 12 месеци ако се чува на температура од -18 степени Целзиусови.
Сега кога ги знаете сите трикови за замрзнување магдонос без губење на вкусот, повеќе нема да се грижите дека ќе останете без него. Со овој едноставен метод секогаш ќе имате магдонос подготвен за зачинување на омилените јадења.
фото:Magnific







