ТВ магазинот „од зад сцената“ стана полнолетен. Наполни 18 години опстојување во телевизискиот етер во Македонија, нешто секому му е јасно дека е еднакво на подвиг кој неретко кој може да го оствари. Се менувааа поставите, уредниците, водителките, новинарките, се менуваше визурата, шпиците, концепцијата, локацијата, но некои нешта останаа вечни. Идејните творци, А. Блажевски – П. Наумовски, двоецот од сенка , од „зад сцената“ кои 18 години успешно ги влечат конците и цврсто држат кормилото на „Бекстејџ“ кој така сигурно, успешно и гордо плови низ бурните естрадни води, заштитниот знак на брендот – портокаловата ѕвезда, високиот квалитет на содржините и гледаноста која постојано расте и најдобрите роденденски журки кои „Бекстејџ“ ги прави уште од својот прв роденден.

Затоа нивниот роденден оддамна е прераснат во „денот што го чекаме цела година“, особено луѓето од сферата на естрадата, спортот, музиката, модата, филмот, театарот, културата, а Бога ми и бизнисот и политиката… Зашто „Бекстејџ“ знае отсекогаш да ги истретира онака како што треба, да ги удостои со гостопримство и награди, да ги собере и сплоти на заедничко дружење колу и да се некои меѓусебна конкуренција, опоненти, опозиција, „контрбанда“, различна фракција… На нивната роденденска журка отсекогаш се сите заедно на едно место, со иста цел: Добра забава, дружење во пријатна атмосфера, размена на позитивна енергија, пријателски муабети, шарм, моден гламур, избрани награди и музички изведби на наградените и специјалните гости.
Така било на секоја нивна роденденска журка, така беше и годинава на блескавата забава на која „Бекстејџ“ фигуративно го славеше своето полнолетство. Гламурозна роденденска ноќ на најгледаниот естраден ТВ магазин во еден нов прекрасен простор во Скопје (Castello by Allikas), во кој роденденот не го расипа ниту дождливата ноќ на 2-ри октомври 2025.

А на роденденската журка вообичаено, собран речиси сиот естрадно музички крем, но и некои од најблескавите ѕвезди од областа на спортот, модата, телевизијата, познати ТВ водители и новинари, инфлуенсери, поткастери, актери, пејачи, пејачки и групи…

Едноставно се што било третирано и минало низ окото на камерата на „Бекстејџ“, а било интересно во тековната година.

Пред почетокот на забавата малку ДЈ сет и модерни танци на атрактивните танчарки за загревање, потоа вообичаениот протокол… Доделување на наградите по избор на домаќините, а помеѓу чинот на наградување музички точки и изведби на некои од добитниците на „портокаловата ѕвезда“, но за цело време дружење, срдечна размена на поздрави, прегратки и бакнежи, „влажни погледи“ и парада на атрактивни убавици, познати и популарни лица.

Меѓу сите ѕвезди и некои од светот на политиката, како лидерката на ЛДП, Моника Зајкова…

Или кандидатите на владеачката ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници…

Орце Ѓорѓиевски – кандидат за градоначалник на Скопје и Бобан Стефковски – кандидат за гроданчалник на општина Гази Баба, со нивните поубави половини уживаа во амбиентот и забавата, удостојувајќи го роденденот на „Бекстејџ“ со своето присуство, а тој нив со својата покана.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, синоќа ја доби и наградата за најдобар музички спектакл во Македонија, за организацијата на Културното лето во Кисела Вода. Манифестацијата Културно лето во Кисела Вода годинава беше одбележана со богата и рекордно обемна програма на културни настани, со настапи на повеќе сцени, и учество на познати музички имиња и уметници.

„РК Алкалоид“ на Кире Лазаров беа прогласени за најдобар спортски клуб, Антониа Гиговска избрана за најпопуларна пејачка…

Игор Џамбазов за изјава на годината, „Пауза за ракија“ за најдобра група…

Слаткар и близнаците од „Некст тајм“ за хит на годината, Александар Микиќ за најдобар актер…

„12-ка“ за најтеатарска претстава, „Галија“ за група од регионот…

И уште грст други награди кои се најмалку важни, зашто наградените секоја година се менуваат, а она што останува се спомение, дружбата, позитивната енергија, сплотеноста, пријателството, а и можеби по некој договор за нова соработка… или само кафе средба?!

По официјалниот дел за неформалната забава беа задолжени Игор Димовски и неговите „Пауза за ракија“ кои со своите бравурозни музички миксови уште повеќе ја кренаа атмосферата и разиграа гостите.

За самиот крај, како и на почеток ДЈ сет за добра ноќ! Ноќ во која најгледаниот естраден ТВ магазин стана полнолетен, ноќ во кој „Бекстејџ“ уште еднаш покажа дека е „виновен“ меѓу сето останато и за одлична роденденска забава!

Фото: Инстаграм и Фејсбук







