Со долги подготовки, силна поддршка и голема љубов кон македонската традиција, вчеравечер – 29 мај (Спасовден) – се одржа првото издание на новиот фолк фестивал во Македонија „Фолк Фест Владимирово“.
Овој фестивал ветува да стане еден од најзначајните културни настани во регионот, поставувајќи го Владимирово на културната мапа на Балканот.
Настанот се одвива во новоизградената фестивалска сала „Ванчо Чавдарски“, која неодамна се промовира како нов културен бисер на Малешевијата.
Идејниот творец на фестивалот, Горан Алачки, со видно возбудување, на својот Фејсбук профил напиша:
„Одиме на МРТ1 со директен пренос. Линкувани сме сателитски со Македонското радио и програмата за нашите сонародници во странство. На 29 мај, Владимирово ќе биде културна претставница на Балканот. Ќе нѐ слуша целата планета земја. Не можам ни јас да верувам… солзи радосници ми идат. Правиме многу голема работа“.
На фестивалската сцена настапија некои од најистакнатите фолк уметници во земјава, вистински легенди на македонската музичка фолк сцена, а публиката имаше можност да ужива во настапите на:
Драган Мијалковски – „Тука сум роден јас“
Круме Спасовски – „Мирна река тивко тече“
Зуица Лазова – „Срце предавник“
Горан Кукиќ – „Голем мерак имам јас“
Жаклина Узунова – „Засекогаш“
Благоја Грујовски – „Еј, жено ти“
Ленче Кукиќ – „Ракија се пече“
Наум Петрески – „Горо ле, горо“
Ванчо Тарабунов – „Јован делија“
Нино Величковски – „Стара ламба трепери“
Перо Христов – „Лиљано моја“
Виданка Георгиевска – „Наша Македонија“
Фестивалот имаше ревијален но и едукативен карактер, а на сцената настапија и инструмененталистите Миле Барбаровски на тапани, Валентино Бенедети на гитара, Орце Лазаров на мандолина, Никола Митровиќ на контрабас, а секако и Горан Алачки на хармоника.
фото:Facebook/Marc De Jongh