Мегафон фестивали

„Фолк фест Валандово 2024“ и годинава со тродневна македонска музичка програма

„Фолк фест Валандово 2024“ и годинава со тродневна македонска музичка програма

Фестивалот на новосоздадени македонски народни песни „Фолк Фест Валандово“ и годинава ќе трае три дена. На градскиот плоштад во Валандово ќе се одржуваат концерти и музички настани во т.н. ОФФ програма пред официјалниот старт на фестивалска вечер.

Па така, 24-ти мај (петок) во првата вечер од ОФФ програмата која што започнува во 21 часот а е во рамки на фестивалот, на градскиот плоштад во Валандово свој настап-концерт пред валандовската публика ќе имаат познатиот македонски фолк пејач препознатлив за овој музички фестивал Перо Христов, Драган Мијалковски кој далечната 1989 година го отпеа безвременскиот хит „Дојди Лено на перниче бело“, како и познатиот и популарен пејач кај помладата публика Влатко Лозановски – Лозано кој изминатиов период ги изненадува своите фанови со нови и интересни музички проекти.

На 25-ти мај (сабота) со почеток во 21 часот на градскиот плоштад во Валандово ќе стартува втората вечер од OFF програмата на „Фолк Фест Валандово“. На сцената пак оваа вечер присутната публика ќе може да се забавува со одличните рефрени на секогаш оргиналниот и незаменлив Игор Џамбазов и Гуру Харе, групата „Ареа“ а како јаготка на шлагот и крај на OФФ програмата, на сцената ќе настапи познатиот македонски DJ Кирил Џајковски кој со своите старо-нови музички проекти ќе го задржи вниманието на помладата валандовска публика.

Недела 26-ти мај е денот кога ќе се одржи и официјалната фестивалска вечер на „Фолк Фест Валандово“ во Домот на културата „Јанко Узунов“, каде пред присутната публика и гледачите на Македонската радио телевизија на фестивалската сцена ќе се изведат 20 нови македонски песни за прв пат изведени токму таа вечер на „Фолк Фест Валандово“.

Традиционално, и оваа година „Фолк Фест Валандово“ ќе го води познатиот водителски пар,  Ирена Спировска – Ѓорѓи Калајџиев.

To top