Познатата колумбиска актерка Кораима Торес, позната по улогата на Касандра во истоимената хит серија, пристигна на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград. Торес во Србија доаѓа работно. Ќе се приклучи на актерската екипа на српската серија „Игра на судбината“ и ќе ја игра една од главните улоги.
View this post on Instagram
Но, Кораима Торес или попозната како Касандра својата слава на Балканот ја стекна многу порано, кога беше „икона“ на латиноамериканските сапунски серии кои многу пред турските ја започнаа ерата на масовна хистерија и милионска гледаност пред ТВ екраните.
Кон средината и особено крајот на деведесеттите години терминот за нивното емитување значеше штама по улиците, по кои шетаа само кучињата скитници, но и штама во домот, зашто целото семејство на куп се собираше пред телевизорот за да види и дознае што ќе и се случи денес на Касандра, во какова неволја ќе заглават таа и Ранду, кого го играше актерот Хенри Сото. Со нејзината појава се отвори „Пандорината кутија“ на енормна гледаност на ваквиот тип евтини ТВ новели, кои подоцна турската продукција ги надгради, усоврши и надмина латиноамериканските.
Касандра за многумина беше не само омилен ТВ лик, туку ТВ икона, масовно обожувана божица, ангел кој сите го сакаа, а таа сепак беше толку осамена и несреќна во љубовта…на ТВ екраните, се разбира!
Серијата во Македонија ја донесе продукцијата „Кан“ на познатата естрадно-музичка двојка Цветанка Ласкова и сега нејзиниот покоен сопруг Миша Кан, кои она што во таа 1998 година го најавија, отпрвин никому не му се веруваше: Касандра и Ранду лично ќе дојдат во Македонија!?
Во првиот момент сите помислија дека се работи за некаков маркетинсшки трик за да се мултиплицира ионака енорманата гледаност, па со неверување сомничаво вртеа со главите, се додека не дојде денот…
На 7-ми мај 1998 година во 15.15 часот на скопскиот аеродром слетаа лично тие Касандра и Ранду! Медиумите веднаш ја пренесоа невидената еуфорија, сво која сите сакаа да ја видат одблизу, да ја допрат, бакнат, гушнат, па дури и добијат автограм што на малкумина им успеа. Тогаш малечко девојченце, денес позната екс ТВ водителка и можеби највлијателната наша инфлуенсерка, Миа Костова, беше една од тие ретки среќници, а истиот гордо го чува и до ден денес, како сувенир и спомен од едно убаво време.
Но, затоа пак, масата од неколку десетици илјади луѓе имаше можност Касандра и Ранду во живо да ги види во три македонски града: Скопје, Охрид и Битола.
Во Скопје Касандра беше и во посета на нејзините најверни обожаватели, тогашниот Дом за деца без родители „13 Ноември“…
A, низ Охрид шетаа по охридските сокачиња, ги разгледуваа убавините на градот, се воодешевуваа на охридскиот бисер…
НО, особено впечатлива беше скопската средба, замислена како говорно – музички спектакл, своевидно музичко ток шоу на сцената поставена на теренот, свртена кон јужната трибина на тогашниот градски стадион. А таа преполна со луѓе, со народ кој дојде со воздишки да и им се поклони на нивните латино ТВ идоли.
Како што е редот говорно-музичкиот спектакл во тоа време го водеа најпознатите и најпопуларни ТВ водители на МТВ… И тоа не еде или двајца, туку дури четворица. Антонио Димитриевски, Ирена Спировска, Иван Мирчевски и Кире Печијаревски…
Најпрвин на сцената, а потоа и распоредени меѓу публиката на Градски, во која случајно избраните среќници имаа можност да им постават по едно прашање на Касандра и Ранду, на еден од најголемите естрадно-сценски спектакли со мегапопуларни светски имиња од шоу-бизнисот кои воопшто се одржале во Македонија.
Како тоа тогаш изгледаше, погледнете од видео исечокот во продолжение:
Фото: Приватна архива/Јутјуб принтскрин/Инстаграм – miandrija и lacoraima/Фејсбук – Ретро ризница – македонски медиуми
Видео: Јутјуб/Касандра и Ранду во Македонија 1998