Мегафон Саботата пред Педесетница:

Духовденска задушница

Духовденска задушница

Спомнувањето на сите починати благочестиви христијани во саботата пред Педесетница е востановено затоа што со собитието на слегувањето на Светиот Дух се завршило домостроителството на спасението на човекот, а во тоа спасение учествуваат и упокоените. Затоа, Црквата која на Педесетница упатува молитви за оживотворување со Светиот Дух на сите живи, на самиот ден на празникот, ја проси и за упокоените благодатта на сесветиот и сеосветуваштиот Дух-Утешител, којашто тие уште во својот живот се уподобиле да ја имаат за извор на блаженства, бидејќи преку Светиот Дух „живее секоја душа“. Затоа, навечерието на празникот, во саботата, Црквата го посветува за спомнување на починатите и за молитва кон нив. Свети Василиј Велики, којшто ги составил умилителните молитви на вечерната на Педесетница, во нив говори дека Господ најмногу во тој ден благоволи да прима молења за умрените, дури и за оние коишто се „држени во адот“.

На денот на одбележувањето на оваа Задушница, во црквите се служи света литургија и панихида, а се читаат молитви за сите починати. На гробиштата се палат свеќи, а свештениците извршуваат индивидуални панихиди, молејќи го Господа да биде милостив кон покојникот.

Според вообичаениот календар, посетата на гробиштата за време на панихидата се смета за обврска на роднините. Ако тоа не е можно, свеќа може да се запали во црквите. Духовденските задушници се споменуваат во црковните книги уште од 12 век. Наместо вообичаеното принесување храна, Црквата повикува на молитва и дарување на сиромашните, болните и прогонетите.

На овој празник се верува дека свеќата запалена на задушница, гори до следната. Исто така, постои верување дека ако не се запали свеќа за помен, мртвите ќе бидат во темнина една година.

Вообичаено е на гробиштата да се носат варено жито, вино и свеќи. Изнесувањето различни јадења и пијалоци не се смета за православен обичај. Зрното симболично не потсетува на Христовите зборови дека житото дава плод само кога умира, и тоа не во темнината на земјата, туку во светлината на сонцето.

To top