Додека добар дел од домашната естрада се бори за прегледи, лајкови, сабскрајбери, кубури со настапи и бара парче медиумско внимание, две македонски оперски дами со своите раскошни гласови ги освојуваат европските оперски сцени и докажуваат дека вистинскиот талент не познава граници. Едната ја воодушеви италијанската публика, другата доби стоечки овации во Германија, а за нивните успеси дома сè уште се зборува многу помалку отколку што заслужуваат.
Станува збор за Николина Јаневска и Милена Арсовска – две наши оперски уметници кои со посветеност, знаење и извонредни вокални способности го носат македонското име на престижните европски музички сцени.
Николина Јаневска ја маѓепса Италија, а сега ја очекува голем предизвик во Скопје
Нашата оперска дива неодамна настапи на познатиот „Фестивал Респиги“ во италијанска Болоња, каде како солист со италијански оркестар ја изведе исклучително сложената композиција „La Sensitiva“, под диригентската палка на маестро Џамбатиста Џоколи.

Нејзиниот настап во театарот „Баракано“ беше уште една можност да покаже дека македонскиот оперски талент може да се носи рамо до рамо со европските музички имиња.

Додека светската критика сè уште пишува за нејзината моќна интерпретација со која просто ја „хипнотизираше“ публиката во театарот Баракано, за Николина возбудливите моменти продолжуваат и дома.

Таа наскоро ќе ја преземе насловната улога во безвременското оперско ремек-дело „Турандот“ од Џакомо Пучини на сцената на Националната опера и балет во Скопје. Улога што носи огромна вокална и актерска одговорност, како и можност македонската публика во живо да ја доживее магијата на оваа величествена опера, во која се наоѓа и легендарната арија „Nessun dorma“.

Оние кои ја следат класичната музичка уметност знаат дека Николина Јаневска е наша оперска певица, солист во Македонската опера и балет, врвно подготвена да се соочи и со најтешките оперски предизвици вткаени во познатите класични дела, но на малкумина во пошироката јавност им е познато дека таа е помала сестра на нашата позната естрадна уметница, виолинист и музички педагог, Андријана Јаневска.

Милена Арсовска ги крена Германците на нозе: Стоечки овации за македонскиот сопран
Ако Николина ја воодушевува Италија, Милена Арсовска со својот глас ја освои публиката во Германија. Македонскиот лирско-колоратурен сопран, која живее и работи во Австрија, имаше забележителен настап во престижната историска црква „Хофкирхе“ во Вирцбург, каде што публиката имаше можност да ужива во вечните музички дела на Франц Шуберт.

Настанот привлече големо внимание, а долгите стоечки овации беа впечатлив знак за приемот на нејзината интерпретација кај присутните.

Дополнителна музичка димензија на концертот му даде настапот на извонредниот македонски виолинист Ѓорѓи Петровски и неговиот гудачки квартет. Уште една потврда дека кога македонските музички уметници ќе се најдат заедно на сцена, имаат што да ѝ понудат на пребирливата европска публика.

Од своето оперско деби во Скопје на само 17 години, преку престижното образование и магистерските студии во Виена, па сè до настапите на европските сцени, Милена гради кариера во која талентот оди рака под рака со сериозна работа и посветеност.
Две дами, две европски приказни и една македонска гордост
Николина и Милена можеби настапуваат на различни сцени и пред различна публика, но ги поврзува истото – уметноста со која го претставуваат македонскиот талент надвор од границите на земјава.

И токму тука се отвора прашањето: колку простор им посветуваме на нашите уметници кои со години вложуваат во своето образование, глас и кариера, а потоа со успесите ја претставуваат Македонија пред европската публика?

Додека политичките и естрадните скандали секојдневно ги полнат насловните страници на порталите, Николина и Милена нè потсетуваат дека Македонија има и вистински уметници кои ги вреднува светот, во случајов оперски гласови со кои може да се гордее.

Можеби е време, покрај сите дневни сензации, да им се даде поголемо место и на оние што со вистинска уметност ги освојуваат сцените – наместо само да чекаме некој друг да ни каже колку вредат.
Фото: Инстаграм/arsovskamilena/@themezzo






