Замина уште една рок легенда… Го нема веќе Бора – Чорба… Не барем физички. Замина уште еден од последните рок ен рол мохиканци кои одбележаа една цела епоха, едно цело време на нечија младост, растење, созревање, живот… На можеби најизгубената генерација која некаде во најубавите години се најде на половина пат помегу „старите добри ЈУ времиња“ кои со текот на годините под притисокот и напливот на национализмот почнаа „да трулеат“ завршувајќи крваво и „новото време“ на самостојноста во кое се покажа дека „старите вредности“ се не само неуништиви, туку и нераскинлива нитка што културно и духовно не врзува.
А Бора Ѓорѓевиќ беше еден од оние кои со текот на годините прерасна во еден од хероите на таа епоха. Естраден, рокерски, културен, поетски, секаков… херој на едно време. Човекот кој така прецизно и јасно го бележеше урбаниот живот влегувајќи во душата на малиот обичен човек, во секојдневието полно со предизвици, проблеми, препреки, животни растежи и падови, успеси и разочарувања, кавги и смирувања, средби и разделби, љубови и раскинувања… И сето тоа онака како што никој дотогаш, а и оттогаш наваму не успеал да го опее и спакува во стихови од неколку строфи и музика која ќе остане актуелна засекогаш… За навека! Никој не успеал така да ја опише таа наша секојдневна животна борба како Бора-Чорба.
Патем, Бора беше и остана еден од четворицата најголеми „музичко-поетски јавачи на апокалипсата“ ( Бора, Брега, Балашевиќ, Џони) која подоцна не задеси и ни се случи… Политичка, економска, културна, музичка, животна… „Апокалиптична имитација на животот“ која Бреговиќ ја најави со „Пљуни и запјевај моја Југославијо“, Балашевиќ ја наговести во „Не ломите ми багрење“, Џони предупредуваше во „Курвини синови“, Бора ја потврди со „Погледај дом свој анѓеле“! Општествена и морална ерозија, пропаст во која арамиите ги престоривме во олигарси, ку*вите во елита, неписмените со купени дипломи во функционери, а народот во стока… која може да се (пот)купи со ситни пари!
Мајсторот на римата од секој збор можеше да создаде стих, секоја животна ситуација да ја преточи во песна, секоја состојба на душата и умот да ги претвори во вонвременски хит што ќе се најде на албумот. Со невидена леснотија Бора знаеше и од телефонски именик да создаде уметност. Таков наплив на божја дарба, во која го преточуваше сето свое, а и туѓо животно искуство, со едноставни зборови во чија игра така умешно ја отсликуваше стварноста, никој не успеал да сподели како Бора.
Сето она што му се случуваше во повеќе од бурниот живот на приватен план, секој емтивен лом на душата Бора умееш е да го преточи во најубавите љубовни песни на „Рибља Чорба“… Од „Остани ѓубре до краја“, преку „Два динара друже“ или „Добро јутро“, до „Љубав више овде не станује “ или „Последња песма о теби“…
Најобичните животни ситуации и секојдневни ликови околу нас, ги пакуваше во безвременски хитови… Од „Рок ен рол за куќни савет“, „Волим, волим жене“, „Пекар лекар, апотекар“, преку „Кад сам био млад“ и “Гастрбајтерска“ до „Авиону сломиќу ти крила“ или „Амстердам“ …
Времето во кое живееме и политиката никогаш не беа заобиколени во неговата ангажирана рок поезија, па таа кохезија на она што е „гнило и болно“ и неговите строфи и рефрени можеби не можеше многу тоа да смени, иако суштински го менуваше погледот на светот во кој „врвот се’ повеќе станува дно, зашто дното е се’ почесто на врвот“… Од култната „Погледај дом свој анѓеле“ преку „Неќу да будем члан мафије“, „Козаностра“, до „Снаге опозиције“, „Дворска будала“…
Бора беше еден од ретките кој ја кажуваше вистината в очи… И онаа љубовната, многу пати почувствувана на своја кожа и онаа општествено-политичката која му ја „дере кожата“ на народот со години…
Сега кога физички повеќе го нема, ќе недостасуваат концертите на Рибља чорба“ и неговите песни… Љубовната поезија која не секогаш беше нежна, ама затоа проклето искрена, реална, вистинита и ангажираните стихови кои како острица на хируршкиот скалпел го сечеа метастазираното канцерогено ткиво на политичкиот тумор кој секојдневно расте.
Но, затоа ќе остане неговото поетско-музичко наследство како лектира за животот, бестселер од „собрани дела“, антологија спакувана во стихови и музика која се слуша и од неа се учи дур си жив… довека!
Затоа кога ќе пристигнеш таму горе, во царството небесно, понекогаш сврти се надолу и „Погледни го домот свој ангелу“… Кој знае, можеби нешто и се променило?
Фото: Јутјуб принтскрин/Trač TV