Промотер

Боби Павловски изгубен во „Лавиринт“ од тага и спомени (ВИДЕО)

Боби Павловски изгубен во „Лавиринт“ од тага и спомени (ВИДЕО)

По одличните „Тамо негде“, „Метар дана“, „Заблуда“, „Калдрма“… Боби Павловски на јавноста реши да ѝ го претстави деветтиот сингл од српскиот албум, кој наскоро треба да биде комплетиран. Станува збор за темата со наслов „Лавиринт“, за која музиката и аранжманот ги потпишува веќе проверениот соработник Милан Раѓен, додека текстот е на Дивна Миловановиќ. Интересно е дека и овој пат Боби соработува со колешката од соседството, Ивана Селаков, која е задолжена за придружните вокали.

Песната, веќе стандардно кога е Боби во прашање, излегува во исто време со видеозапис, инаку работен со екипата на Tropical Lifeisfun, а снимен на интересна локација на Фрушка Гора, во околината на Нови Сад. Кадрите се снимени во куќа која е изградена во 1898 година и му припаѓала на, во тоа време, исклучително богато германско семејство.

„Морам да признаам дека оваа песна е мојот фаворит. Правена е според мојот вкус и по мојот сензибилитет. Долго време е готова, но некако го чекав вистинскиот момент да ѝ ја претставам на мојата публика. Мислам дека го одбрав вистинското време и дека и на публиката ќе ѝ се допадне“, вели Боби, кој периодов освен со настапите што ги има сѐ почесто и низ Европа, е активен и во студио.

Павловски освен на комплетирањето на српскиот албум, интензивно работи и на студиски материјал со македонски песни. Не сака да открива многу детали, но вели дека верува оти крај себе има авторски имиња кои ќе понудат сосема поинаков звук и вистинска свежина во етерот. Рокови за комплетирање на проектот не си задава, бидејќи, како што вели, најважно му е да има совршен финален производ, но признава дека би сакал публиката што е можно поскоро да чуе барем дел од она што се подготвува. 

Дотогаш слушнете ја „Лавиринт“ и уживајте во гласот на неповторливиот Боби Павловски:

Фото: Џоле Миловски/Dzole_photography

To top