Во Македонската опера и балет (МОБ) во петок, 23 јануари во 19.30 часот ќе биде изведен балетот „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Гистав Флобер кој ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан. Кореографијата е на Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на МОБ.







