По долга „авторска апстиненција“ конечно Наташа Малинкова има нова песна насловена „Нема правила“. Атрактивната кавадачанка се огласи на социјалните мрежи со најава за своето најново музичко парче, со кое после толку време редно беше да ги изненади своите обожаватели, а и сите оние кои ги посетуваат нејзините ноќни настапи. Свирки не и недостасуваа сиве овие години, ама нова песна – да, па затоа оваа мора посебно да ги израдува сите што ја сакаат и почитуваат работата на пејачката.
Музички ништо речиси и да не се променило во стилот. Симпатичен, модерен поп-рок, онаков каков што и е трејд марк, некаков заштитен знак уште од времето на „Името твое“ и почетоците со бендот „Багаж“, па сиве овие години наваму.
Во секој случај певлива љубовна песничка која ќе ја одбележи летната сезона на некои од регионалните и локалните радиостаници, а неа веројатно ќе и донесе и некои нови тезги. Авторски, целиот „багаж“ на себе го понел стариот постојан соработник на пејачката, Столе Аврамов (музика, текст, аранжман), вклучувајќи ги тука и снимањето и музичката продукција на песната.
Наташа пак како и секогаш одлично си ја завршила домашната задача што и не е некое изненадување, зашто впрочем е една од најсолидните македонски поп пејачки, со добро „избрусен“ глас и доволна естрадна километража зад себе.
Мала отстапка кај песната е нејзината визуелизација, зашто до сега можеби навикнавме за песните на Малинкова да бидат снимани видеоспотови, а сега новата е визуелно поткрепена со интересна и мошне симпатична „поп-арт стрип приказна“, која ја потпишува извесно “351 студио“, што му дава дополнителен шарм на целиот проект.
Впрочем, правилата се тука за понекогаш и да се кршат, па затоа „Нема правила“ добила токму ваква необична, но мошне ефектна визуелизација.
Како звучи и изгледа новото музичко парче на Наташа Малинкова, спакувано во аудио-визуелната стрип приказна „Нема правила“ – проследете во продолжение…