Ако сте љубители на лесни и освежителни десерти, овој лимон чизкејк е совршен избор. Крцкавата подлога од бисквити, нежниот крем од сирење и богатиот лимонов прелив создаваат идеална комбинација на вкусови за топлите денови.
Состојки за подлогата:
300 грама интегрални бисквити
150 грама путер
прстофат сол
За кремот:
300 грама крем сирење
250 мл слатка павлака за матење
80 грама шеќер во прав
За лимоновиот крем:
200 грама шеќер
2 лажици рендана кора од лимон
40 грама пченкарен скроб (густин)
250 мл свежо цеден сок од лимон
150 мл бадемово млеко
50 грама путер
Подготовка на подлога:
Сомелете ги бисквитите и измешајте ги со растопениот путер и прстофат сол. Смесата рамномерно распоредете ја на дното и по рабовите кружен калап со димензии 30 см. Ставете ја во фрижидер додека го подготвувате кремот.
Изматете ја слатката павлака додека не добие цврста структура. Во посебен сад измешајте ги крем сирењето и шеќерот во прав, а потоа внимателно соединете ги со изматената павлака. Подготвениот крем рамномерно распоредете го врз подлогата од бисквити и израмнете ја површината.
Изрендајте ја кората од лимон и исцедете го сокот. Во тенџере измешајте ги шеќерот и лимоновата кора, а потоа додајте ги пченкарниот скроб, сокот од лимон и бадемовото млеко. Добро измешајте со жица за матење. Гответе на умерена температура со постојано мешање додека смесата не се згусне и не стане мазна и сјајна.
Тргнете од оган и додајте го путерот исечкан на коцки. Мешајте додека целосно не се растопи. По желба, процедете го кремот низ сито за уште помазна текстура.
Топлиот лимонов крем веднаш прелијте го врз чизкејкот и рамномерно распоредете го. Оставете го десертот да се излади на собна температура, а потоа ставете го во фрижидер најмалку 4 часа, а најдобро преку ноќ.
Послужете добро изладен, декорирајте со нане.
фото:Magnific







