Мегафон ДЈ проект на уникатни локации

Македонската бруталистичка архитектура како сцена за електронска музика: Нашиот DULELUD го претстави првиот сет од новиот серијал

Македонската бруталистичка архитектура како сцена за електронска музика: Нашиот DULELUD го претстави првиот сет од новиот серијал

На Меморијалната костурница во Кавадарци е снимен првиот диџеј сет од серијалот на нашиот продуцен и диџеј DULELUD.

Станува збор за проект кој ги спојува музиката со македонската архитектура, и токму затоа како прва локација е избрано едно од највпечатливите дела на бруталистичката архитектура во Македонија – Меморијалната костурница.

Локацијата е избрана поради нејзината историска, културна и архитектонска вредност, а целта е преку музиката да се претстави овој простор од поинаков, современ агол.

Музичката селекција е составена од Melodic, Progressive и Afro House композиции, а вклучува и авторски изданија на DULELUD како и (необјавена) музика од негови блиски пријатели и колеги диџеи и продуценти со кои соработувал низ годините.

Режијата и видео продукцијата се на Орце Поповски (PopPhoto), додека координацијата и снимањето со дрон на Нико Путица.

За проектот, кој е прв во серијалот, нашиот диџеј и продуцент вели:

„Ова е првиот диџеј сет од проект што го подготвувам веќе подолго време. Идејата е да снимам вкупно четири сета на уникатни локации низ Македонија, а кои претставуваат значајни примери на бруталистичката архитектура кај нас.

Со овој проект не сакам само да претставам музика, туку преку неа да ги промовирам архитектурата, историјата и културното наследство на нашата земја. Македонија располага со извонредни објекти од овој архитектонски правец, кои заслужуваат повторно да бидат видени и препознаени, не само кај нас, туку и надвор од државата.

Верувам дека музиката е еден од најубавите начини да се поврзат историјата, културата и современата уметност. Затоа секој сет ќе биде снимен на различна локација, со цел преку едно аудиовизуелно доживување да се раскаже приказната за тие простори.

Ова е само почеток. До крајот на 2026 година планирам да бидат објавени сите четири диџеј сета, секој снимен на внимателно одбрана локација и се надевам дека проектот ќе придонесе повеќе луѓе да ги откријат и да ги доживеат овие места на еден поинаков начин, токму преку музика, уметност и визуелно раскажување“.

 

To top