Под светлата на древниот Долни Сарај повторно ќе се испишува музичка историја. Подготовките за 33. издание на „Охрид фест – Охридски трубадури“ се во полн ек, а фестивалот уште еднаш најавува програма што ќе го обедини најдоброто од македонската и балканската музичка сцена.
По традиционалната Фолк вечер на 26 август, веќе следниот ден, на 27 август, Охрид ќе биде домаќин на долгоочекуваната Интернационална поп вечер – музички спектакл што секоја година привлекува публика од Македонија, регионот и пошироко. На фестивалската сцена ќе настапат легендарните: Владо Калембер и „Сребрени крилја“, Принцот од Врање, Дадо Топиќ, Сузана Манчиќ, Наташа Михајловиќ, Валдера, Броз и Марама, дует Моротови, Биба Додева, Ана Петановска… и уште многу домашни и регионални музички имиња. Организаторите засега не ги откриваат сите адути, но најавуваат специјални музички гости чии имиња предизвикуваат огромен интерес низ целиот Балкан.
Интернационалната вечер останува препознатлива по својата разновидност – спој на современа поп музика, нови авторски песни, регионални музички легенди и млади изведувачи кои токму од сцената во Охрид го започнуваат својот пат кон пошироката публика. За атмосферата повторно ќе се погрижи омиленото телевизиско лице прекрасната Марјана Станојковска, која и оваа година ќе биде домаќинка на Интернационалната фестивалската вечер.

Ги отвораме вратите за сите охриѓани, но и за бројните туристи кои во тој период ќе престојуваат во градот. Влезот е слободен и сите се добредојдени да бидат дел од оваа музичка приказна“, истакнува директорот на фестивалот, Григор Копров.
Тој додава дека долгогодишното искуство и посветеноста на тимот ветуваат уште едно успешно фестивалско издание.

„Со целото искуство што го имам и со тимот со кој работиме со години, уверен сум дека нè очекува одличен фестивал исполнет со квалитетни песни, настапи на докажани домашни изведувачи, гости од странство, легенди од екс-ју сцената и многу млади таленти. Посебно ме радува што годинава „Охрид фест – Охридски трубадури“ повторно ќе се емитува во живо на националниот сервис – Македонската радио телевизија“, вели Копров.
Организаторите најавуваат дека ова е само почеток на изненадувањата. Во наредниот период јавноста ќе ги дознава и останатите учесници, специјалните гости и содржините што ќе го направат 33. издание на „Охрид фест – Охридски трубадури“ уште едно незаборавно поглавје во историјата на најголемиот македонски музички фестивал.
Овој август, сите музички патишта повторно водат кон Охрид – таму каде што традицијата, емоцијата и добрата песна веќе 33 години создаваат спомени што траат.






