Мегафон национална културна соработка

„Танец“ и „Ладо“ со два заеднички концерти во Битола и Скопје

„Танец“ и „Ладо“ со  два заеднички концерти во Битола и Скопје

Македонскиот национален ансамбл за народни игри и песни „Танец“ и Хрватскиот национален ансамбл „Ладо“, како два столба на балканскиот и светскиот фолклорен мелос, најавуваат културно доживување за домашната публика. Под магичниот наслов „Една ноќ под ѕвездите“, овие два реномирани ансамбли ќе одржат два ексклузивни заеднички концерти коишто ветуваат врвно и незаборавно уметничко доживување, спојувајќи ги традицијата, моќниот вокал и безвременската игра на двете земји, се вели во соопштението.

Спектаклот ќе се одржи на две локации – на Античкиот локалитет Хераклеја, Битола, на 8 Јули, и во Националната опера и балет (НОБ), Скопје, на 10 Јули.

„Зошто не смеете да го пропуштите овој настан? Уникатен спој: Ретка можност да се видат двата најголеми професионални ансамбл на една сцена. Амбиент: Локациите се специјално избрани да понудат неповторлива летна атмосфера- под отворено небо и ѕвезди во Битола-Хераклеја и прекрасниот амбиент на магичната сцена на Националната опера и балет-Скопје. Културно наследство: Концерт во кој секој чекор и секој тон носат вековна приказна. Бидете дел од нас“, се наведува во известувањето.

Повеќе од 70 години, „Танец“ и „Ладо“, важат за чувари на идентитетот и амбасадори на културното богатство на своите земји. Овие концерти не се само обичен настап, туку дијалог меѓу македонскиот незапирлив ритам и моќните хрватски повеќегласни напеви и кореографии. Врвните играчи и музичари, облечени во автентични, колоритни народни носии, ќе понудат програма која го одзема здивот и ги спојува двете култури во една нераскинлива врска.

„’Една ноќ под ѕвездите‘ е повеќе од концерт – тоа е славење на пријателството, заедничкото минато и уметноста којашто не познава граници. Сцените во Битола и Скопје ќе го зафатат најубавиот бран на фолклорната енергија на Балканот“, се додава.

Влезниците се веќе во продажба на „Купи карта“.

Фото: Ансамбл „Танец“.

To top