Вчера, среда, 15 април регионалната музичка ѕвезда Владо Георгиев беше во Скопје. Ја одржа својата ПРЕСС конференција или како што тој самиот повеќе милува да каже, средба и дружење со новинарите по повод неговиот престоен концерт, закажан за 24 април во СЦ „Јане Сандански“.
Во таква, неформална атмосфера на која инсистираше и самиот пејач мина средбата со „седмата сила“, која покрај своето новинарско знаење и умеење во прашањата и темите за кои разговараа, покажа и завидно ниво на музички вкус, истенчен слух и вокални способности.

Претходно Владо во опуштена атмосфера заедно со официјалниот ПР и ПРЕСС домаќин на настанот, Антонио Димитриевски ги сподели своите искуства од концертите на тековната турнеја насловена „Господски“, објаснувајќи меѓудругото дека истата е така насловена заради изгубените човечки вредности, нарушените односи меѓу луѓето, загубеното достоинство, непостоечкото ниво на култура и елементарно воспитание, исчезнатииот бон-тон и наметнатите лажни таканаречени „нови вредности“, кои всушност се изопачени антивредности.

Покрај музичките, новинарите со Георгиев начнаа и многу животни теми од денешицата, начинот на живеење и поимањето на нештата и т.н. „ново нормално“ во ова време на лажни вредности.
„Едноставно ништо веќе не е свето, ништо не е господски“ -рече самиот Владо.

Но, сепак кулминацијата дојде во моментот кога на предлог на ТВ водителката на Канал 5 ТВ, Милена Антовска-Станковска, падна песна со која заврши официјалниот дел на скопскиот ПРЕСС на Владо Георгиев.

Само што овој пат не запеа тој, туку новинарите му пееја нему, „шокирајќи“ го пејачот… Се разбира, позитивно.

Пријатно изненаден, Владо го зеде мобилниот и го снимаше моментот кој како што јавно кажа, никогаш петходно не му се случил во животот. Тој пред новинари пеел, ама тие нему – никогаш НЕ… се’ до тој момент!
Пресреќен и задоволен, во истиот момент Владо клипот го сподели на своите Инстаграм приказни.
Потоа, видно расположен, тој трпеливо одговараше на сите прашања во десетина интервјуа „еден на еден“ со колегите од различни медиуми.

По ПРЕСС-от беше гостин и во неколку радио и ТВ емисии чија програма одеше во живо или беше снимена за одложно емитување.

За потсетување, концертниот спектакал на Владо Георгиев во СЦ Јане Сандански во Скопје ќе се одржи на 24 април (петок) со почеток во 20 часот , како дел од регионалната турнеја насловена „Господски“!

Фото: Приватна архива




