Мегафон театар

Премиера на „Кој сум јас“ од Митко Чешларов денеска во Театар Комедија

Премиера на „Кој сум јас“ од Митко Чешларов денеска во Театар Комедија

Претставата „Кој сум јас“ на Митко Чешларов, а во режија на Наташа Поплавска, ќе ја има својата премиера в петок на 27 март, во 20 часот на сцената на Театар Комедија. Со оваа претстава, театарот ќе го одбележи 27 Март, Светскиот ден на театарот, како и својот 14-ти роденден. „Кој сум јас“ е 55. премиера на Театар Комедија, а првата премиера беше во 2012 година.

Во претставата играат: Благој Веселинов, Жаклина Стевковска, Жаклина Петровска, Ева Скендеровска, Матеа Јанковска, Едмонд Сотир, Илија Илиоски, Ана Грамосли и Мина Јелушиќ. Сценографијата е на Војдан Запров, костимографијата – на Сара Милевска. За сценските движења е задолжена Ирена Лозинска. Видеодизајнер и фотограф е Емил Петров, а светло дизајнер – Милчо Александров. За изборот на музика е задолжен Александар Јорданов.

Ништо не е така како што изгледа. „Кој сум јас“ е брза и разиграна фарсична комедија за луѓе што играат улоги во сопствениот живот. Луѓе кои кажуваат едно, мислат друго и прават трето. Луѓе кои позајмуваат идентитети како што позајмуваат пари. Луѓе кои зборуваат за вредности, а тргуваат со нешто друго. Во оваа приказна, работите постепено се комплицираат. Малите лаги бараат нови, поголеми лаги. Ситуациите излегуваат од контрола, пишува Оливија Трајковска, асистент на режија и асистент драматург.

-Токму тука настапува фарсата. Кога лагата ќе се оттурка предалеку, таа почнува да се распаѓа. Телото издава, а маската почнува да попушта. Преку ритам и телесна комичност, се разголува механизмот на лагата. И токму затоа, сè е смешно. Бидејќи кога вистината станува апсурдна, единствениот начин да се издржи е преку смеа. Секој има причина да биде тоа што не е. Во таа игра на идентитети, ситуациите стануваат неочекувано тензични, брзи и смешни. Хуморот е жив, понекогаш апсурден, понекогаш болен, но секогаш препознатлив – пишува Трајковска.

To top