Почина македонскиот музичар, аранжер и композитор Кире Митрев. Тажната вест бепше потврдена на неговиот Фејсбук-профил.
Во објавата е наведено дека Митрев починал во болницата „Марта Марија“ во Минхен по долга борба, опкружен со членови на семејството.

„Уште еден од великаните на македонската, балканската, па и европската музика замина во вечноста. А, Македонија (државата) скоро и да не му оддаде никакво признание досега.. едноставно го заборави. Но, неговото творештво е многу добро познато на сите љубители на музиката.. и тоа му правеше големо задоволство“, напиша на социјалните мрежи музичкиот новинар Тошо Филиповски.

Митрев беше исклучителен музичар роден на 16 јули 1948 година во Битола во семејство на аматерски музичари и почнал да свири гитара на петгодишна возраст, додека музичкото образование го започнал на 11-годишна возраст.
Свирејќи изворна македонска музика во народни оркестри на културно-уметнички друштва, тој го откри богатството на латентни хармонии што изобилуваат во македонскиот фолклор. Свирејќи класична музика, изгради стилски израз инспириран од неговата сензибилност.
Тромбонот бил негов главен инструмент, а преку класичната музика изградил специфичен израз што се развил по неговото пристигнување во Белград.

Потоа, покрај сопствената кариера, тој придружувал и многу познати музичари на турнеи во Југославија и Европа, а потоа заминал да студира на колеџот Беркли (почеток на 80-ти години).Во периодот по неговата специјализација на Беркли, тој ги започна своите компонирачки и аранжирачки активности со исклучителен интерес за елементите на џезот. За да ги реализира своите музички идеи, тој ги собра околу себе најдобрите џез музичари. Така се роди групата „КИМ“, во која Кире Митрев беше концептуален и музички водач, композитор, аранжер, тромбонист и музички продуцент. Од самиот почеток, музичката продукција, композициите и аранжманите беа проследени со извонредни критики и поддршка од сите медиуми.

Слободата на изразување, импровизацијата и богатството на хармониите во модусите станаа нов предизвик во неговата понатамошна работа. Во контекст на тесната соработка помеѓу ТВ Белград и ТВ Скопје, а со цел да се промовира оригиналната музика на Кире Митрев, ТВ Скопје сними амбициозна емисија за Југословенската радиотелевизија – ЈРТ, посветена на групата „КИМ“. Специјален гостин беше истакнатиот македонски тромбонист – Кирил Рибарски. Емисијата беше голем успех во земјата и беше забележана и во натпреварувачкиот дел од фестивалот „Телевизиски достигнувања“ во Монтре.
Музичките критичари во екс-Ју просторите наведуваа дека „бил речиси секогаш пред времето“ заради изразниот формат на музиката.
Неколку години беше солист на театарот Теразије, а подоцна ја продолжил кариерата во Минхен, каде што бил член на меѓународен биг бенд кој соработувал со некои од најголемите светски ѕвезди.

Тој беше истакнат тромбонист, композитор, аранжер и педагог. Неговата музика, која комбинира џез, рок и балкански мотиви, остави неизбришлив белег на домашната и меѓународната сцена.
Ја започна својата кариера во Музичката академија во Белград, соработувајќи со RTB, PGP и ансамблот на Саша Субота („One i Oni“), настапувајќи низ цела Југославија и светот, вклучувајќи ги и гала концертите на УНИЦЕФ во Париз, Хаг и Торино. Откако специјализираше на Беркли, ја основа групата КИМ, преку која разви иновативен музички израз и им беше ментор на нови генерации музичари.

Кире Митрев настапуваше и во Европа, со Биг Бендот „Џон Вест и Сингерс“, соработувајќи со ѕвезди како Дона Самер, Ширли Баси и Ла Тоја Џексон, а подоцна предаваше во престижната џез и рок школа Фрајбург, пренесувајќи знаење и инспирација на млади таленти.

За 45 години уметничко творештво, тој доби бројни награди и признанија, а PGP RTS го издаде албумот „Најдоброто од Кире Митрев“, потврдувајќи ја трајната вредност на неговата музика. Кире Митрев мирно го напушти овој свет, но остави зад себе музика што ќе живее вечно и ќе ги поврзува луѓето.

Од 1976 година, Културната заедница на Белград му додели статус на заслужен уметник. Во тој период, беше член и солист на Биг Бендот на Радио Телевизија Белград.
Во јануари оваа година, Кире Митрев беше еден од уметниците кои примија националната пензија на Република Србија. Беше добитник на голем број престижни награди и признанија.
Фото: Фејсбук/Kire Mitrev







