Младата поп-пејачка Марија Данева од Штип и бендот со кој настапува „Stand by band“, истата трагична вечер беа во Кочани, а таа пееше во друг локал.
Нивниот настап завршил нешто порано, па дел од нив се упатиле кон ноќниот клуб каде се случи пожарот кој зави многу семејства во црно. Вистина.мк вчера пишуваше по објавата на Данева, а таа нешто подоцна повторно се огласи со дополнување за тоа што се случило поконкретно, но и за тоа каква е здравствената состојба на настрададаните од нејзините колеги кои свиреа со неа.
-Со огромна тага ја споделуваме веста за трагедијата што се случи во Кочани. Нашиот бенд настапуваше во локален кафич во Кочани, а по настапот се упативме кон дискотеката со намера да ги видиме и поддржиме нашите колеги музичари кои таа вечер настапуваа таму. За жал, се најдовме во срцето на страшниот настан. Двајца членови на бендот, Александар Авукатов и Дарко Спировски, се повредени, но нивната состојба во моментов е стабилна. Александар е пренесен во Бугарија на понатамошен третман, додека за Дарко се чека трансфер во некоја од соседните држави за дополнителна медицинска грижа. Јас, Марија Данева, како и четвртиот член на бендот, Сашо Стојановски кој е долгогодишен член на бендот ДНК, сме добро и немаме повреди. Нашите мисли и молитви се со сите семејства што изгубија најблиски и со сите кои се борат за живот. Оваа трагедија нè потресе длабоко, и ја споделуваме болката со целата заедница. Ве молиме, чувајте се и ценете ги луѓето околу вас. Животот е непредвидлив, а секој момент со најблиските е бесценет. За дополнителни информации ќе ве известиме за нашите членови од бендот.
Се молиме за нив – пишува Данева.
фото:You tube printscreen/ Instagram