Xotel Music е музичка платформа која со гордост ги поддржува и промовира младите и нови артисти, како и веќе етаблираните уметници од Македонија и поширокиот регион. Основана во 2019 година, оваа иницијатива започна со објавување на пет епизоди, кои ги вклучуваа уметниците Дани Димитровска, ZeeBomb, Наско, Шамба и Next to Silence. По неколкугодишен хиатус, Xotel Music повторно оживеа и се врати на сцената со уште поголема енергија и посветеност.
Во изминатата година, тие објавуваат 12 нови епизоди достапни во целост на нивниот YouTube канал. Овие изведби ги претставија: аТа, Sweet Rapscallions, КЕМ, Занаду, Дејание, Sioto Jazz, Бон Праскиза, Пијан Славеј, Garameth, Паркети, Taxi Consilium и Alembic.
Како што и самите велат од Xotel Music за Музика24, моментално работат на уште 12 епизоди кои се во фаза на пост-продукција и истите ќе бидат објавени во текот на 2025 година. Публиката ќе има можност да ужива во настапите на артисти како Луфтханза, Зарина Првасевда, Клот Људи, Херцел, Тамара Стојковска, Мојра и многу други.
Покрај YouTube, платформата активно е присутна и на Инстаграм, Фејсбук и ТикТок, каде што можете да најдете кратки интервјуа и интересни моменти од зад сцената.
Xotel Music е повеќе од платформа – тоа е заедница која ја слави музиката и ги инспирира новите генерации.