Има една песна од кумановскиот крај која своевремено беше користена и во една македонска играна хумористична серија, чиии стихови велат: „Умреја батко Ѓорѓија мори мамо, све што ќе види да је његово…“!
Токму во неа може да се препознаат многу нешта кај нашиот источен сосед, зашто Бугарите кон Македонија и се’ што е македонско токму така и се однесуваат. „Умрени“ од мерак и од желба изгорени се’ што е македонско да биде нивно, се’ што ќе видат и слушнат наше, а е добро, да е нивно.
Меѓу останатото присвоија многу македонски народни, па и новосоздадени народни песни, препејувајќи ги на бугарски јазик или изворно изведувајќи ги со „фалсификувано образложение“ дека се нивни, бугарски!
Последен пример е и човекот кого пошироката јавност во Македонија го запозна како „распеаниот камионџија“ кој се прослави со видеата од својата шоферска кабина, особено со песните на Наум Петерески со кого подоцна станаа и големи пријатели.
Потоа дури и заедно запејаа на „Златна бубамара на популарноста“, а потоа снимија и заедничка песна со наслов „Песна за верни другари“.
Веројатно претпоставувате дека се работи за ресенчанецот Андруш Ангелковски, кој стана популарен не само во Mакедонија туку и во регионот, па и на Балканот со неговите распеани видео снимки додека вози камион низ Америка, кој за жал летоска имаше сообраќајна несреќа на патот Ресен – Охрид, по што следуваше подолг период на закрепнување.
А кога сме веќе кај Балканот и источниот сосед, токму Андруш и неговите песни се новото „присвоено чедо“ на бугарската лакомост.
Имено, под наслов: „Б’лгарин собра над 1,3 милиони прегледи со оваа прекрасна б’лгарска песна. Една уникатна изведба, испеана од срце и душа“!
Песната – македонска, „Кажи, кажи облаче ле бело“, која своевремено ја паметиме по изведбата на покјниот Гоце Арнаудов, а „Б’лгаринот“ зад воланот, македонскиот камионџија Андруш Ангелковски од Ресен!
Во текстот покрај видеото пак стои:
„Бугари кои работат надвор од татковината ги има милиони. Една од најтешките и најодговорни професии е возач на камион. И покрај сите искушенија тие не забораваа кои се и чувството на носталгија многу често провејува во нив. Понекогаш е толку силно што се насобира и извира во форма на народна песна. Имено, народните песни се тој земјен корен кој помага, лекува и прави работата да врви како песна.
Така еден возач на камион , кој така ја пее чудесната бугарска песна „Ја кажи ми, облаче ле бело“, ќе ве остави без зборови со неговата од срце и изведба, исполнета со љубов кон родниот крај. Слушнете и уживајте во ова вистинско исполнение, кое ќе ви ја стопли душата! Прегледано е над 1,3 милиони пати! Поздрав до сите Бугари низ светот!“ – стои во текстот покрај изведбата на нашиот ресенчанец Андруш.
За среќа, кај нашиот источен сосед не се сите граѓани задоени со погрешни политики, лакомост, аспирации и претензии. Па така, една од свесните Бугарки во коментарите под објавата го дала вистинското појаснување за тоа кој е кој и чија е песната:
Па сега вие видете кој е „оригиналот“, а кој подметнува „фалсификат“, прикажувајќи го како свој!
Фото и видео: Јутјуб принтскрин/Andrus Angelkovski