Легендарната рок група „Дивље Јагоде“, вечерва петок , 27-ми септември 2024 година ќе има концерт во Скопје во „Македонската филхармонија“, со почеток во 21.00 часот.
По тој повод организаторот на овој единствен концертен настан – продукцијата „Сцена“ , со почеток во 11.00 часот во градската кафеана „Пелистер“, лоцирана на самиот плоштад „Македонија“ во Скопје одржа ПРЕСС конференција и дружење со претставниците на медиумите и членовите на „Дивље јагоде“, чиј модератор беше музичкиот новинар и ТВ водител Антонио Димитриевски.
На пресот пред новинарите лидерот и основач на групата Сеад Зеле Липовача говореше за себе, почетоците, како настанала групата и нејзиниот тек низ сите овие години. Раскажувајќи интересни случки од личната и кариерата на бендот, Зеле потенцираше дека за да успееш да опстанеш сиве овие години не е важно колку време постоиш, како се викаш, дали си убав или грд, паметен или без памет, па дури ни колку добро свириш и пееш… најважно од се е да имаш добра песна. Една, две, три… што повеќе тоа подобро. И тоа не инстант хит што трае два-три месеци, туку песни што ќе останат да се пејат 10, дваесет, триесет години… како што се нивните незаборавни балади и хитови налик на „Криво је море“, „Једина моја“ или „Мотори“… на пример.
„Што се однесува до публиката таа е секаде иста ако успееш да создадеш хенмија меѓу бендот на сцената и нив долу во партерот или на трибините. Ако има фидбек, концертот ќе биде успешен. Ние сме едни од тие што секогаш оставаат ‘срце на терен’ без оглед каде и пред колку луѓе настапуваме. Особено оваа, која сметам дека е златната постава на групата“ -рече меѓудругото лидерот на „Јагоде“, кој нагласи дека сепак има мала разлика , еден вид јаз на генерациите помеѓу оние кои растеле со нивните песни и овие новиве деца, кои сега ги откриваат.
Што се однесува до вечерниот концерт, Зеле и екипата ќе ги отсвират и испеат нивните најголеми хитови од почетоците на бендот, па се’ до оние од неодамна излезениот, најнов, 13-ти по ред студиски албум „Прати моје старе трагове“. Тој призна дека за прв пат ќе свират во малку необичен амбиент – филхармониска сала, но затоа пак свирката ќе биде прилагодена за сите вкусови.
Електрично-акустичен концерт кој во својата средина ќе има получасовна „анплагд блок“ изведба на некои од нивните најпознати балади. Се на се’, богатство од моќни и енергични рифови, нежни и певливи мелодии и квалитетни стихови… Енергија и емоции за сите сетила!
На крајот Зеле и ќленовите на бендот одговараа на неколкуте новинарски прашања, даваа изјави и интервјуа, а го претставија и поделија примероци и од нивниот најнов албум „Ги следам твоите стари траги“!
Фото: Приватна архива