Венецуелската актерка Кораима Торес деновиве престојува во Белград каде од вчера започна со снимање на серијата „Игра на судбината“, на чија екипа накратко ѝ се придружи.
Во оваа серија познатата актерка, која се прослави со улогата на Касандра во истоимената теленовела, ќе игра епизодна улога и за тоа време ќе остане во Србија уште два дена.
Пред да почне да снима пред камерите, Кораима времето го искористила да се прошета низ српската престолнина, па ги посетила Калемегдан, улицата Кнез Михаилова, а вечерта го почувствувала белградскиот ноќен живот во Скадарлија.
Сепак, првото нешто што го направила Касандра по пристигнувањето во Белград, било пробувањето гастрономски специјалитети, а особено уживала во ќебапите со кајмак, кои ги споделила и со своите следбеници на Инстаграм.
Инаку, Кораима Торес престојува во луксузен хотел, во претседателскиот апартман, а нејзиното гостување наводно ќе ја чини продукцијата 30.000 евра. По пристигнувањето на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, Касандра била пречекана од бројни новинарски екипи. По тој повод, актерката истакнала дека е многу возбудена што се враќа во Србија, каде што престојувала во 2017 година.
„Многу сум среќна и возбудена, подготвена сум на сè во Србија“, кратко изјавила таа за српска „Република“.
Да потсетиме, познатата актерка покрај Белград во 2017 година ги посетила и Нови Сад и Ниш, а како што изјавила тогаш, Србија има посебно место во нејзиното срце.
„Гледам дека сте добар народ, срцето ми е полно и многу ве сакам сите“, рекла тогаш таа.
фото:Instagram printscreen/ lacoraima