Горан Стојменовиќ и двајца негови колеги од белгиската фирма „Барко“ годинава ја добија наградата за лични заслуги во полето на наука и технологија за филмска продукција од академијата познати како „технички“ Оскари.
Наградата е врвно признание што го доделува американската академија за филмски уметности и науки.
Академијата за филмски уметности и науки на 23 февруари годинава им оддаде признание со престижната научна и инженерска награда за нивниот придонес во дизајнот и развојот на ласерската проекција во кино.
„Свеченоста се одржа во Холивуд, во салата „Дејвид Гефен“ во музејот на Американската академија за филмски уметности и науки. Оваа свеченост е во сезоната на Оскари, ама сепак се одржува посебно. Бевме таму две недели пред официјалните Оскари. Академијата, доделува вакви награди секоја година, на основа на лични заслуги во полето на науката и технологија за филмска продукција, кои имаат трајно влијание во индустријата. По номинација од страна на трето лице, академијата врши истражување и разговори, пред да се одлучи кои номинирани ќе ја добијат наградата. Во наш случај, процесот траеше неколку месеци“, објаснува Стојменовиќ.
Покрај него, наградата ја добиле и двајца негови колеги Ваутер Достерлинк и Петер Јансенс од фирмата „Барко“, за развој на ласерски проектор за проектирање на кино филмови. Овој проектор бил прв од таков вид во 2014 година.
Извор: Репулика.мк