Мегафон манифестации

Звучни имиња, многу музика и голем повод на „Каменичко културно лето 2024“

Звучни имиња, многу музика и голем повод на „Каменичко културно лето 2024“

Деновите во периодот од 26 до 28 август се денови резервирани за овогодинешното издание на Каменичко културно лето 2024. Настанот традиционално се одржува на Градскиот плоштад, а домаќините КИЦ Романса и Општината Македонска Каменица и овој пат најавуваат разновидна музичка програма и музички имиња кои ќе ги задоволат инајпребирливите музички сладокусци.


Во рамки на првата фестивалска вечер на 26 август (понеделник), а во чест на најголемиот каменички празник Успение на Пресвета Богородица – Ден на рударите, Каменичко културно лето 2024 година ќе започне со програма која ќе ја одбележат настапите на повеќе културно-уметнички друштва од земјава и странство, и тоа КУД „Вера Јоциќ“ од Македонска Каменица и културно-уметнички друштва од Србија и Бугарија.


Веќе следниот ден на 27 август (вторник) публиката ќе ги види и чуе неверојатниот Наум Петрески, миленикот на младата генерација Огнен Здравковски и дамата која никого не остава рамнодушен и чија изведба на една од најубавите македонски песни „Заветна“ освои многу срца – Бојана Скендеровски.


Дел од втората вечер закажана на големиот православен празник Успение на Пресвета Богородица на 28 август (среда), пак, ќе бидат рок легендите Ареа, рнб двоецот ДНК и гостинката од Србија – Слаѓа Алегро.
„Дојдете заеднички да го отвориме овогодинешното културно лето и заеднички да уживаме во прекрасните настапи на музички гости кои ветуваат одлична атмосфера и многу хитови“, се вели во поканата на домаќините.

To top