Радио Милева сајбер измамник

Ликот на македонскиот пејач од „Ѕвездите на Гранд“ со помош на AI злоупотребен за измама: Лажниот Ален Хасановиќ ги мамел жените и им барал по 2.000 евра за средба!

Ликот на македонскиот пејач од „Ѕвездите на Гранд“ со помош на AI злоупотребен за измама: Лажниот Ален Хасановиќ ги мамел жените и им барал по 2.000 евра за средба!

Вистинска интернет-драма го потресе пејачот Ален Хасановиќ, откако дознал дека непознат измамник со месеци го злоупотребува неговиот лик и име за да извлекува пари од неговите обожавателки. И тоа не станува збор за обична лажна страница на социјалните мрежи, туку за добро осмислена измама во која главно оружје е вештачката интелигенција (AI)!

Измамникот отворил лажни профили на Инстаграм, се претставувал како популарниот пејач и преку фотографии генерирани со помош на AI создавал впечаток дека жените навистина комуницираат со него. Наводно, одел дотаму што испраќал и фотографии на кои ликот на Ален е прикажан во секојдневни, домашни ситуации, за неговата приказна да изгледа што поверодостојно.

„Користи вештачка интелигенција за да биде поуверлив и полесно да комуницира со нив. На пример, на една девојка ѝ испратил фотографија од мојот лик како седи и пие кафе во домашна атмосфера, а таа му поверувала“, открива Хасановиќ, кој не го крие шокот од она што му се случува.

Но, најневеројатниот дел од приказната е финансиската измама! Лажниот Ален на жените им барал пари, а од некои наводно побарал дури и по 2.000 евра, ветувајќи им дека за возврат ќе им овозможи лично да се запознаат.

Измамата добила и прилично бизарен епилог кога една постара жена му пришла на вистинскиот Ален за време на негов настап во Словенија, убедена дека претходно се допишувала токму со него и дека меѓу нив имало и флерт!

„Се случи и една постара жена да ми се приближи на настап во Словенија за да се видиме, тврдејќи дека се допишувала со мене и дека сме флертувале. Јас сум надвор од себе од шок поради сè што ми се случува“, раскажува пејачот.

Хасановиќ потврдува дека случајот веќе е пријавен и дека е започната официјална постапка, при што се собираат докази за откривање на лицето кое стои зад лажните профили.

„Процесот е во тек, се собираат докази и се надевам дека тоа лице ќе биде казнето што е можно поскоро“, порачува пејачот, упатувајќи сериозно предупредување до сите свои следбеници.

Тој апелира никој да не верува на сомнителни профили, да не влегува во приватна комуникација со лица кои се претставуваат во негово име и, пред сè, да не испраќа пари под изговор дека разговара со него.

Очигледно, во ерата на вештачката интелигенција, веќе не е доволно само да го препознаете гласот или фотографијата на омилената ѕвезда – зашто некој може да ви ја продаде илузијата дека токму таа со вас комуницира!

Фото: Инстаграм/alen_hasanovic

To top