Од 26 до 28 ноември, Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе биде домаќин на 13. издание на ПИН – музичката конференција и шоукејс фестивал, на кој ќе учествуваат повеќе од 300 музички професионалци, 58 изведувачи и гости од 40 земји.
Годинава, под мотото „Living in a Bubble“, ПИН ќе понуди три дена исполнети со музика, дискусии, професионални средби и размена на искуства. За првпат на фестивалот пристигнуваат артисти од Кина и Австралија, со што програмата дополнително ги поврзува музичките сцени од Европа, Азија, Јужна Америка и Балканот.
Една од централните теми на конференциската програма ќе биде Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година. Во четврток, од 14 часот, во киното „Фросина“ ќе се одржи трибина посветена на подготовките за оваа титула, на која ќе се отворат прашањата за организацијата, финансирањето, програмата, транспарентноста и вклучувањето на локалните културни организации и независната сцена.
Предвидена е и размена на искуства со претставници од европски градови кои веќе ја поминале оваа програма или се подготвуваат за 2028 година, меѓу кои Нови Сад, Горица, Бурж и Лиепаја.
Во рамки на конференцијата ќе се одржи и панелот „PULSE“, посветен на состојбата со клубовите, концертните простори и ноќниот живот по трагедијата во Кочани. Професионалци од Чешка, Германија и Хрватска ќе ги претстават стандардите и условите за функционирање на клубската сцена во нивните земји, отворајќи ја дебатата за потребните реформи, безбедноста и лиценцирањето.
На ПИН ќе присуствуваат претставници на меѓународни фестивали, клубови, агенции, издавачки куќи и музички организации. Меѓу гостите е и директорот на WOMEX, една од најголемите светски платформи за светска и традиционална музика, како и претставници на Reeperbahn Festival, Tromsø World, Berlin Music Commission, Boom Festival, Athens Music Week, Europavox, MENT, SHIP и SoAlive.
Музичката програма ќе се одвива на пет сцени во МКЦ, со настапи на 58 изведувачи. Меѓу најавените странски артисти се австралискиот електро-инди-поп состав TONIX, кинеските KyoYoko, кинеско-данското дуо Green Tea Bitches, аргентинско-шпанскиот проект Niem Nitai, како и Mista Trick, HRTL, Tankus, Diskopunk, Ljubičice, Elizabete Balčus, Mehmet Polat Quartet и Aurore Voilqué Balkan Ladies ConneXion.
Силно ќе биде застапена и домашната музичка сцена. На фестивалот ќе настапат ИСКРА, Chlen 16, Mallard, Маратонци, Персеида, Taxi Consilium и Деца Корнат Градина, како и повеќе македонско-интернационални проекти.
Меѓу нив се Resonant Earth Collective Ritual на Јордан Костов, Mèraque на Мартин Грозданоски, Afro Gitano на Тони Китановски и Гоце САФ, како и Миа Ѓаконовски, која од Берлин пристигнува со сопствен авторски израз на границата меѓу алтернативниот поп и џезот.
Покрај концертната програма, ПИН ќе понуди повеќе од 30 конференциски активности, панели, работилници, менторски сесии и професионални средби. Дел од темите што ќе се обработуваат се „Inside the Music Business“, „Build Your Music Career“, „Indie in the Kitchen“, „Sony in the Bedroom“, „Ma(i)n Stage“, „Print the Legend“, „Should I Play or Should I Go“ и „Green Is the New Rock’n’Roll“.
ПИН е единствената меѓународна музичка конференција и шоукејс фестивал во Македонија и една од значајните професионални музички средби во Југоисточна Европа. Настанот претставува можност домашните артисти да воспостават контакти со светската музичка индустрија, да отворат нови можности за соработка и да ја претстават македонската музика пред меѓународната публика.
Целосната програма, листата на изведувачи и делегати се достапни на официјалната веб-страница на фестивалот pinconference.mk.
Настанот ќе се одржи од 26 до 28 ноември во МКЦ, а влезот за целата музичка и конференциска програма е бесплатен.
фото:Пинконференс






