Мегафон три домашни музички состави

На 13 ноември во Скопје второ издание на „Нарвал рок-фест“

На 13 ноември во Скопје второ издание на „Нарвал рок-фест“

Здружението „Нарвал рок-колектив“ (Narval Rock Collective) го најавува второто издание на својот музички фестивал – „Нарвал рок фест 2“, којшто ќе се одржи на 13 ноември, петок, во ГТЦ. На второто издание на фестивалот ќе настапат три домашни музички состави и изведувачи: „Ширшаја „Тантрум“ и „Флукс“, кои претставуваат различни музички жанрови, вклучувајќи готик-рок, панк-рок и современ рок.

„Нарвал рок фест“ е музички настан посветен на промоцијата и поддршката на домашната независна музичка сцена, со нагласка на алтернативната и рок-музиката. Фестивалот има цел да обезбеди дополнителен простор за концертни настапи на домашните автори и изведувачи, да ја поттикне нивната видливост и да придонесе кон развојот на независната музичка продукција во Македонија.

По одржувањето на првото издание, организаторите го продолжуваат фестивалскиот концепт со програмска содржина која обединува изведувачи од различни музички правци. Со ваквиот пристап, фестивалот настојува да ја претстави жанровската разновидност на домашната алтернативна сцена и да овозможи непосредна комуникација меѓу музичарите и публиката. Во рамките на фестивалската програма, групата „Ширшаја“ ќе настапи со својот препознатлив готик-рок звук што се одликува со меланхолична атмосфера и специфичен музички израз.

Групата „Тантрум“ ќе настапи со современ рок-репертоар и сопствени авторски материјали, додека „Флукс“ ќе го претстави панк-рок правецот, со динамичен и енергичен музички израз.

Организатор на фестивалот е Здружението „Нарвал“, чија активност е насочена кон поддршка, промоција и афирмација на домашната независна музичка сцена. Преку организирање концертни настани и поврзување на изведувачи од различни музички жанрови, здружението настојува да придонесе кон создавање континуирани можности за јавна презентација на домашното авторско музичко творештво.

Инаку, второто издание на „Нарвал рок фест“ ќе се одржи на 13 ноември, петок, со почеток во 20:30 ч., во „Биртија паб“ во Градскиот трговски центар (ГТЦ). си/вј/

Фото: ПР.

To top