„Меморија“ – групата што остава силна трага во македонската рок-музика се врати пред својата публика со голем концерт во Скопје на 23-ти Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Спортскиот центар „Јане Сандански“ беше местото каде што повторно се слушаа песните со кои генерации растеа, се вљубуваа, разменуваа емоции и создаваа свои музички спомени.

Со тричасовен концерт „Меморија“ испиша уште едно поглавје од својата историја поврзувајќи ги своите песни со дел од антологијата на македонската поп-рок-музика. Концепт кој не се темелеше исклучиво на ретроспектива на сопствените хитови, туку вечерта ги опфати и музичките корени од кои произлегла домашната рок-сцена, па се до некои нови деца кои на најдобар начин ја продолжуваат традицијата.
Уште на самиот старт прилепската кавер група „ Four“ засилена со Ивица Стојановски Фиц – екс „Студени нозе“ како вокал со меморијалниот трибјут во кој беа вклучени најголемите хитови напишани од легендарниот композитор, аранжер и продуцент Тоше Поп Симонов одлично ја загрејаа публиката. Како омаж на неговиот лик и музичко дело и сеќавање на оние кои ја создаваа македонската поп-рок историја. Се пееја од „Време за плачење“, преку „Кучето мое“ до „Кучкин син“… Одлично изведена лепеза на незаборавни хитови кои и ден денес се актуелни.

Потоа следува фасцинантниот почеток… Хармонска сајзер подлога на Давор Јордановски, препознатлив гитарски соло вовед на Рубин Димковски и Апостол Поце Икономов со брилијантна изведба на италијанската класика на „Карузо“…

По спонтаниот аплауз од салата, на сцената излегува Сара Илиевска… Акустичните звуци на нејзиното виолончело почнуваат да ја плетат магијата на позната тема која го наговестува изведувачот – првиот гостин на концертот.

Фасцинантниот вокал на Давид Темелков и безвременската ода на татковината – „Моја Македонија“ ја исполнува салата која во самиот старт кипи од празничен патриотски набој измешан со емоции и песната на публиката која пее со изведувачот во еден глас.

На вакавата атмосфера логично се надоврзуваат „Македонските бисери“ и „Македонија“со кои „Меморија“ во полн состав го стартува шоуто.

Веднаш по нив следува уште еден од специјалните гости, можеби „најспецијалниот“…

Игор Џамбазов, заедно со гитаристот Игор Атанасовски попознат како Гуру Харе (екс-член на Меморија) и актуелната постава бравурозно ја изведуваат позната „Хотел Македонија“.
Песна на целата сала во еден глас и стоечки овации од публиката, а потоа бендот „македонската музичка приказна“ ја заокружува со темата „Мој народе“.

И тука тргнува ново парче од концерното лудило… Со првите удари по тапаните на Мите Димовски, на чија ритмика и динамика се вози целиот звук на бендот се редат „Илјада песни“, „Одам засекогаш“ „Утра“ која лидерот Перо Камиказа ја посвети(л) на неговата животна сопатничка Даница, потоа „Разбира се“, па се до најголемиот хит од 80-ите, култната „Нена“!

И сетот завршува со уште една незаборавна македонска рок тема, обработката на „Јано“ од некогашните рок великани, групата „Триангл“.

По ова доаѓа време за ново евоцирање спомени, а музичкиот времеплов на бендот не води на ново патување низ годините наназад… Најпрвин одново 80-ите и Томче и Златко – некогашните членови на „Бон-Тон“, еден од најпознатите бендови од т.н. македонски „новиот бран“, кои заедно со „Меморија“ ќе ја отпрашат нивната „Добрите девојки не го прават тоа“.

Уште поназад, кон средината на 60-ите ќе не вратат Поце и ортаците од бендот, со изведбата на култната „Дал да плачам ил да пејам“ од основоположниците на рок ен ролот во Македонија, групата Бис-Без. Патем, пејачот на „Меморија“ Апостол Икономов е еден и од директните наследници, како внук на покојниот Коце Икономов!

Сетот балади започнува со уште едно од најавените гости. Бурно поздравени одсо аплауз Бени Шаќири и неговите „Нон-Стоп“ ја изведуваат „По навика“, одново во чест и сеќавање на Тоше Поп Симонов кој е автор на песната.

Баладичната атмосфера продолжува со познатите поспори теми на групата: „А ти каде си“, „Зошто Боже“, емотивната вокална изведба на Поце на „За тебе“ посветена на неговата почината сопруга и бравурозната соло делница на Рубин во истата тема во која гитарата чиниш плаче… И секако поглед и поздрав кон неботто на пејачот на крајот од песната… Зашто некои љубови никогаш не умираат, вечни се и тогаш кога едната половина ја нема.

Емоционалната еуфорија сепак ја достигнува својата кулминација со безвремнсаката „Оган под ѕвездите“… Овој пат со необичен акустичен вовед на младата гитаристка Александра Кировска, која на бендот му се придружи на сцената. Како и на претходните две балади, за миг салата се претвора во „ѕвездено небо“ и нема кој не пее…

На повторениот завршеток младата гитаристка акустичната ја заменува со електрична гитара и во најспектакуларен рок манир го свири солото на песната.

Во публиката крешендо од емоции од илјадници души и грла. Уште една потврда дека некои песни не се само безвременски, туку стануваат и дел од генетскиот код на еден народ.

По нив смена на пејчите, а сентиш атмосферата смирено ја возат изведбите на „Бела“, „Нашите слики“, „Ќе има ли ден“ со препознатливиот вокал на Ристо Самарџиев.
Тогаш почнува загревањето за финалната експлозија… Џорџ Мајкл-овската „Таму кај што си“, ска пораката за среќа „За добро да е“ и рокерската од средношколските клупи „Снежо, Снежана“ одново ја креваат атмосферата, а публиката ја тераат да танцува.

А, музичкиот „танц на ѕвездите“ завршува како што е ред со општонародна веселба и неизбежната „Дирлада“. Засилени со дувачкиот плех оркестар и тапанот, „Меморија“ атмосферата ја претвораат во општа еуфорија! И старо и младо и машко и женско пее и танцува, скока, се радува…

За крај, наместо бис – мини реприза без музика, само Ристо и публика, од најтивко до најсилно. Од само тие до сите што се појавија вечерта одново заедно на бината, уште еднаш во еден глас рефренот на „Дирлада“!

И толку… Уште еден фантастичен концерт без реприза, зашто кога впечатоците ќе се сумираат, јасно е дека некои работи не можат да се репризираат!

Со тричасовен концерт „Меморија“ испиша уште едно поглавје од својата историја. Оганот кој се’ уште силно гори потврди дека се најголемиот најнароден бенд на овие простори!

Фото: Вангел Тануровски/Јованка Гроздановска/Перо…




