Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ја отвора новата концертна сезона „Филхармонија: On Air“. На концертот насловен „Симфониски бранови“ како солист ќе настапи младиот 13 -годишен машки сопран Алексис Изар Гордон, а диригент е Александар Гордон. На програмата се „Аве Марија“ од Франц Шуберт и Симфонијата бр.4 во ге-дур од Густав Малер.
Маестро Александар Гордон зад себе има навистина богата кариера како виолист, но во последниве години тој е и успешен диригент. Всушност, неговиот дебитантски настап како диригент се одржал во Финска, во 2014 година со Симфонискиот оркестар на Лапеенранта, што му донел покани да диригира и со останатите оркестри во Финска. Во 2017 година следувал мошне значаен концерт којшто му донел покани за диригирање ширум светот, со Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио и со влијателниот виолончелист Миша Мајски како солист. Во 2018 година, маестро Гордон диригирал со Камерниот оркестар на Манхајм и OZM Дортмунд во Германија, како и во Оперскиот театар во Риека, Хрватска, со изведби на балетот на Чајковски – „Оревокршачка“.
По неговиот дебитантски настап во Кина, пак, во септември 2018 година со Симфонискиот оркестар на Лиаонинг, воспоставил соработка за неколку програми во следните сезони. Александар Гордон е член на програмата „LEAD!“, каде што соработува како ментор по виола и асистент-диригент на врвниот Јука-Пека Сарасте. Во 2020 година тој дебитирал и како оперски диригент со „Алеко“ од Рахмањинов во Украинската национална опера во Киев, што следеле повторни покани за следната сезона.
Во април 2021 година, му асистирал на маестро Владимир Јуровски со Лондонската филхармонија, а истата година го имал и својот дебитантски настап како диригент на Лондонската филхармонија на турнеја во Мадрид и Барселона. Во 2015 година, Александар Гордон бил именуван за уметнички директор и диригент на Меѓународниот нов симфониски оркестар (INSO) во Лвив, давајќи му на овој мултинационален германско-руско-украинско-еврејски музичар улога на „Амбасадор на мирот“ во Украина, со цел да донесе мир и единство преку музиката. Инаку, на само 23 години, Александар Гордон бил именуван за главен виолист на Лондонската филхармонија. Во 2012 година, по десет години како лидер на виола-секцијата на ЛПО, тој заминал за да се посвети целосно на својата кариера како солист и диригент.
Алексис Изар Гордон е тринаестгодишен сопран и член на Оперското училиште на Виенската државна опера, каде што се образува од својата осма година. Роден е во Лондон во 2013 година, во семејство на професионални музичари, а подоцна со своето семејство се преселил во Виена. И покрај младата возраст, Алексис веќе има значајно сценско искуство. Настапувал во големи оперски продукции на Виенската државна опера, меѓу кои „Кармен“ од Бизе, „Пиковата дама“ од Чајковски, „Отело“ од Верди, „Боеми“ од Пучини, „Жената без сенка“ од Рихард Штраус и „Возек“ од Берг. Настапувал и со Виенската филхармонија во „Пасион според Јован“ од Бах, како и во „Волшебната флејта“ од Моцарт. На десетгодишна возраст го остварил своето деби во Стокхолм како сопрански солист во Четвртата симфонија од Густав Малер, под диригентство на својот татко, Александар Гордон Земцов.
На дванаесетгодишна возраст го изведувал солистичкиот дел во „Chichester Psalms“ од Леонард Бернштајн со Виенската филхармонија и хорот „Арнолд Шенберг“. Настапувал и во камерни концерти со истакнати музичари, меѓу кои Јука-Пека Сарасте и Пека Куусисто. Негови музички ментори се сопранистката Красимира Стојанова и диригентот Џими Чианг, а работел и со мецосопранот Тања Аријане Баумгартнер. За него се создадени и две нови дела – „Agnus Dei“ од украинскиот композитор Александар Родин и „Ave Maria“ од бугарската композиторка Борислава Танeва, кои ги праизвел во Финска. Покрај пеењето, Алексис изучува пијано, кларинет, виолина и виола. Особен интерес покажува и кон математиката и природните науки, а веќе има постигнато значајни резултати на национални математички натпревари.
фото:Македонска филхармонија







