Холивудските ѕвезди, со Оскар наградената актерка Сузан Сарандон и ѕвездата од серијата „Hacks“, Хана Ајнбиндер, биле приведени во Њујорк за време на протестот во пресрет на обраќањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред Генералното собрание на Обединетите нации.
Тие биле меѓу учесниците на демонстрациите организирани во близина на седиштето на ОН, на кои демонстрантите го блокирале сообраќајот и повикувале на прекин на американската воена поддршка за Израел.
Според извештаите, полицијата при интервенцијата привела околу 100 лица, додека организаторите наведуваат дека на протестот имало околу 250 учесници.
Сарандон е снимена во моментот кога полициски службеници ја одведуваат од протестот, додека и Ајнбиндер, позната по улогата во серијата „Hacks“, била одведена од местото на демонстрациите.
Во моментот на објавувањето на првите извештаи не било потврдено за какви прекршочни или кривични пријави, доколку воопшто има такви, би можеле да бидат поднесени против приведените, пренесува „ЦДМ“.
🔴 Detienen a la actriz Susan Sarandon durante una protesta en Nueva York para exigir el fin del suministro de armas a Israel
https://t.co/iphLKPAqH3 https://t.co/ryFePuizdY
— Cadena SER (@La_SER) September 24, 2026
Ајнбиндер и претходно јавно зборувала за својот ангажман во врска со војната во Газа.
Пред протестот таа порача дека сака да учествува „како Еврејка, Американка и човечко суштество“. Сарандон, исто така, со години јавно ја критикува израелската политика.
Протестот го организирала групата „Jewish Voice for Peace“, а меѓу присутните биле и други познати актери и јавни личности, меѓу кои Синтија Никсон и комичарот Кејлеб Хирон.
Сузан Сарандон, позната и по филмовите „The Rocky Horror Picture Show“, „Dead Man Walking“ и „The Witches of Eastwick“, и претходно учествувала на протести поради израелската војна во Газа.
Американската актерка за новинарите на Филмскиот фестивал во Венеција овој месец изјавила дека поради своите јавно изнесени ставови останува без деловни ангажмани.
„Сè уште ми се одземаат улоги бидејќи постојат агенции кои им велат на луѓето да не ме ангажираат. Но, тоа е структура на моќ“, рекла таа.
„Мислам дека разбирањето на ситуацијата кај пошироката јавност се промени, но сè уште постојат многу цврсти ставови во мојата индустрија, меѓу луѓето кои се ционисти и кои не го промениле својот однос кон мене.“
„Но, го пронајдов своето семејство, ги пронајдов своите луѓе и добро сум“, додала таа.
Хана Ајнбиндер претходно изјавила дека цената на молчењето за Палестина е поголема од можноста да ја изгуби кариерата во Холивуд, посочувајќи ги и негативните последици со кои поради своите ставови се соочиле актерките како Сузан Сарандон и Мелиса Барера.
„Мислам дека тие го знаат истото што го знам и јас, а тоа е дека цената на молчењето е поголема“, изјавила таа претходно годинава на Филмскиот фестивал во Кан.
„Поголема цена плаќате ако не зборувате и едноставно мора да имате јасно поставени приоритети. Немам никаква илузија дека мојата мала кариера може да се спореди дури и со еден човечки живот. Тоа е обврска и секогаш ќе го правам тоа.“
foto: printscreeen/facebook/ Susan Sarandon




