Во Скопје вечерва (2. Септември) ќе се одржи голем музички спектакл по повод 35 години од независноста на државата. Музичкиот проект „Најдоброто од Македонија“ на платото пред „Т-арената“ („Борис Трајковски“) бесплатно за публиката ги носи Слаткаристика, „Суперхикс“, „2 бона“, „Фанк шуи“ и Дина Јашари. Организаторите најавуваат голема аудиовизуелна продукција и концертна атмосфера наменета за сите генерации. Концертот ќе почне во 20 часот.
По повод 35 години независност синоќа на плоштадот Македонија во Скопје се одржа концерт на светски познатиот тенор Хозе Карерас и македонските музички ѕвезди Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана и Игор Дурловски, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Маја Оџаклиевска и Миле Кузмановски.
На 4 септември во главниот град ќе се одржи уште еден спектакл по повод 8 Септември – пристигнува караванот „Силно светнал ден“, кој патувањето во Македонија ќе го заокружи на плоштадот Македонија со настап на повеќе од 120 артисти. И овој настан, како што е најавено, ќе почне во 20 часот. „Силно светнал ден“ преку музика, глума и танц, во вид на мултимедијален сценски спектакл, ја раскажува приказната за 35 години независност на Македонија истакнувајќи ги најзначајните историски моменти, подемите, предизвиците и достигнувањата од изминатите три и пол децении.
Карванот почна од Охрид, на 9 август, и посети 11 града во државата, а дел од него се познати македонски изведувачи и актери.
Прославата по повод 35 години независност на Македонија ќе финишира на Денот на независноста, 8 Септември, со настапот на светски понзатиот диџеј и продуцент на хаус-музика Давид Гета на стадионот „Тоше Проески“. Гета ќе настапи со својата светска продукција The Monolith Stadium Show, најголемо шоу во Европа, па и во светски рамки од музички и од продукциски аспект.
Музичката програма со повеќе концерти за 35 години независност на државата ја подготви „Авалон продукција“ во соработка со Владата.
фото:Instagram printscreen/avalonbooking







