Гоце Димовски повеќе професионално нема да свири и да настапува?! Најдобриот македонски мултиинструменталист на народни дувачки инструменти се откажува од музиката? Вест која по неговата објава на социјалните мрежи како бомба одекна во јавноста!
Имено, само пред неколку дена тој оваа своја одлука ја објави јавно со статус на неговиот Фејсбук профил, шокирајќи гои сите што го знаат, но и целата музичка и естрадна јавност. Човекот кој меѓу колегите од музичкиот еснаф е познат како исклчучително мирен и тивок, вреден и исполнителен, врвен професионалец, а при тоа поседува неповторлив талент и знаење, како мултиинструменталист во свирењето кавал, зурла и гајда, одеднаш, преку ноќ по децении занимавање со музика, да сака да ја прекине кариерата!?

За да донесете ваква одлука мора да постои огромна причина. Не дај Боже здравствена или лично длабоко разочарување во луѓето или системот кој ваквите мултиталентирани уметници ги става на маргините?!
Без да ја образложи својата одлука Гоце Димовски само на својот профил на Фејсбук соопштил:
„Драги колеги и пријатели, сакам да ве известам дека повеќе не мора да ме барате за свирки и било какви настани, снимања… Јавно да знаете дека не го работам ова повеќе, освен тоа што ми е закажано, ви благодарам“ – обзнанил Димовски.

Реакциите разбирливо веднаш беа огромни, особено на неговите колеги, но и на оние што го познаваат и него и неговите квалитети и неговата работа… Оние што знаат да го ценат и почитуваат и него како врвен уметник и музиката која ја изведува, па пораките на поддршка и убедување да не се откажува се нижат како ѓердан од бисери.
На сите нив Гоце Димовски јавно им се заблагодарил, без да објави дали можеби огромната поддршка ќе го премисли?!

Ако тоа не се случи, Македонија и македонската музика ќе претрпи огромна штета, зашто ќе загуби жив уметик, каков што ретко се раѓа.
Дали е ова само моментална слабост, капка во „прелиената чаша“ полна со горчина или конечна одлука, допрва ќе дознаеме, иако посакуваме ова второто да не се случи!

Инаку, Гоце Димовски е роден 1975 година во Скопје, Република Македонија. Основно образование стекнува во родното место, во училиштето „Марко Цепенков“, а средно во музичкото училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.
Своето музичко образование непрекинато го надополнува и во своето опкружување, покрај неговиот татко, Ангеле Димовски, виртуоз на изворните инструменти. Секако и како член на семејниот оркестар „Шарен кавал“, познат и надвор од границите на Македонија. Седумте години членувал во Оркестарот на изворни народни инструменти на МРТВ, а од 1999 год и како член во етно групата Synthesis .

Гоце Димовски целосно е вклучен во творењето, музицирањето и концертирањето со Synthesis, но и покрај тоа активно учествува и во музицирање и концертирање со мноштво останати македонски изворни оркестри и групи, кои се трудат да го зачуваат народниот изворен звук и мелос.

Гајдата, кавалот и зурлата, се забележливи и на многу други проекти, од кои посебно треба да се одбележи издавањето на неговиот сопствен албум, насловен „Потковица“, на кои се слушаат сите изворни дувачки инструменти (плус кларинет и саксафон).
Своето знаење често го пренесува и на вљубениците во македонската изворна музика во етно камповите организирани во САД и во голем број европски земји. Би се издвоило неговото гостување и предавање за традиционалните македонски инструменти на престижниот Универзитет Беркли во САД.
Фото: Фејсбук/Goce Dimovski/synthesis.com.mk



