Благојче Стојановски – Туше важи за еден од најомилените македонски фолк-пејачи, особено кај дијаспората. Човек кој со децении знае како да направи атмосфера каде и да се појави да пее.

Покрај неговиот препознатлив глас, Туше со години привлекува внимание и со својот имиџ. Опавчето, стилизираната брадичка и модерните патики наместо класични чевли станаа негов заштитен знак, а многумина велат дека изгледа најмалку две децении помладо. Но, овојпат вниманието не го привлече ниту со песна, ниту со актуелниот имиџ, туку со фотографија од минатото на која многумина тврдат дека едвај го препознале.

Архивската фотографија ги воодушеви сите
Пејачот неодамна реши да ги врати фановите низ времето, па на истите тие социјални мрежи сега објави фотографија стара околу петнаесет години.
На неа Туше изгледа речиси непрепознатливо – со густа и долга коса, околу 15 килограми помалку и во опуштено модно издание со скинати фармерки и црни чевли. Фотографијата веднаш предизвика бројни реакции, а следбениците не штедеа комплименти за неговиот тогашен, но и денешниот изглед.

Роден во Австралија, но за свој дом ја избра Македонија
Иако денес животот му е врзан за Македонија, малкумина знаат дека Туше е роден во Австралија. Таму има и свој дом – во Сиднеј и со години е еден од најбараните пејачи меѓу македонските иселеници.
Сепак, кога дошло време да избере каде ќе го гради семејниот живот, одлуката била јасна.

„Јас сум роден во Австралија, но моето срце е во Македонија и тука ќе остане. Имав можност да заминам, но воспитан сум така да не ги оставам родителите сами на старост. Решивме со фамилијата да останеме тука за нашите родители да се порадуваат со внучињата“, открил фолк-пејачот.

Во својата богата кариера Туше има објавено бројни албуми и десетици снимки од живи настапи, а неговата безвременска „Прашај ги свирачите“ и денес е песна без која не поминува ниту една добра веселба. Туше продолжува да докажува дека добрата песна, харизмата и искрената емоција никогаш не излегуваат од мода.

Доказ за тоа е и последната песна и видеоспот – „Ти си моја кралица, моја божица“ кои Туше неодамна ги сними заедно со „Империјал бенд“. Песна која има сè што е потребно да прерасне во нов голем хит кој ќе се пее и ќе се памети долго време.
Фото: Фејсбук и Инстаграм/stojanovskiblagojcetuse




