Националниот ансамбл за народни игри и песни – „Танец“ е нашиот идентитетски код и оваа година слави голем јубилеј – 75 години постоење, со низа концерти дома и надвор.
Конечно, со радост можеме да го најавиме и последниот, централен свечен концерт од оваа богата јубилејна сезона, што ќе се одржи на 22 декември (недела), во Македонската опера и балет, со почеток во 19 часот.
На концертот ќе бидат изведени многу музичко-сценски бисери од богатата фолклорна ризницата на „Танец“, што датираат од различни периоди на делувањето на ансамблот, прекрасните ора и кореографски постановки како „Тешкото”, „Женско чамче”, „Драчевка”, „Свадба”, „Два танца”, „Џамала”, „Пиринско пролетно цвеќе”, „К’лц нога”, „Копачка”, „Беломорски бисер”, „Малешевка”, „Радовишки собор” и многу други вокални и вокално-инструментални точки, во изведба на вонсериските национални уметници на ансамблот „Танец“. Ќе се пее и игра, ќе се сеќава и празнува. Ќе има и изненадувања.
„Ги покануваме сите вљубеници на македонскиот фолклор и пасионирани љубители на „Танец“ да не го пропуштаат овој редок музичко-сценски спектакл на безвременскиот „Танец“. 75 години постоење е јубилеј за почит!“ – велат организаторите на завршниот јубилеен концерт. Билетите се веќе во продажба и можат да се купат само на Интернет, на сервисот Купи карта: Јубилеен концерт на „Танец“.