Понеделник, 06-ти мај 2024, втор ден Велигден… Најавениот „Велигденски хепенинг“ кој за прв пат се одржува на платото покрај шеталиштето пред паркот во Ѓорче Петров, почна да го полни просторот еден час пред закажаниот почеток. Млади и стари, момчиња и девојки, млади брачни парови со своите дечиња, дедовци и баби со внучиња… Народ од сите возрасти дојден за заеднички да ја почувствува магијата на Велигденските празници, но и на заедничко дружење меѓу себе на соседите, роднините, другарите, пријателите, за убав муабет, размена на позитивна енергија, насмевки… Но и одлична забава со дел од најпознатите музички ѕвезди од македонската естрада.
Како некогаш, во убавите времиња, безгрижно заедно да поминат неколку часа од едно обично попладне збогатено со прекрасна и богата музичка програма.
Сцената поставена, организацијата беспрекорна, плоштадот и шеталиштето претесни за да ги ги примат илјадниците граѓани на општината Ѓорче Петров, но и останатите присутни дојдени отстрана да присуствуваат на „Велигденскиот хепенинг“ кој им го подарија и приредија иницијаторите на идејата, нивни добро познати сограѓани.
Двајцата кандидати за пратеници во ИЕ 2: Носителот на листата – Владо Мисајловски, пратеникот Бојан Стојаноски, како и координаторот на овој музичко-сценски ивент, Марија Андоновска, заедно со целата екипа од ИЕ 2, а сето ова како последен настан од изборната кампања во ИЕ 2. Овој пат без политика, само со двоипол часовна забава!
„Точно во 18 часот „Велигденскиот хепенинг“ го отвори познатиот македонски ТВ водител и естрадно-музички новинар, Антонио Димитриевски, по чиј поздрав до присутните и воведна најава, двократната макфестовска побединчка, пејачката Бојана Скендеровски заедно во еден глас со неколкуилјадната публика ја испееа една од најубавите македонски новосдоздадени народни песни со патриотска содржина, единствената – „Заветна.
По неа, на сцената се појави некогашниот идол на повозрасните, денес македонската пејачка легенда Драган Мијалковски, кој изведе дел од своите безвременски хитови и евергрини… Разбирливо, атмосферата во неговиот настап кулминираше со хитот кој го знаат сите генерации: „На 223-305“!
Бојана Скендеровски се врати на сцената изведувајќи ги двете свои најнови песни од нејзиниот репертоар: „Среќа, несреќа“ и „Да те нема“.
По неа истрча еден од предводниците на новата генерација млади македонски музички имиња и секако еден од најпознатите домашни трап изведувачи – Таско во придружба на ДЈ Боно, кој беше зад ДЈ пултот и при изведбата на следните изведувачи.
Неговите хитови ја кренаа најмладата популација на нозе, а макфестовскиот хит „Сафир“ од последното фестивалско издание го испеа во дует со младата пејачка за која допрва ќе се слушне, атрактивната Малена.
Кулминацијата следеше кога Таско го најави Пајак, па двајцата го изведоа својот дует – „Намерно“.
Потоа новиот идол на најмладите Пајак остана сам на сцената изведувајќи ги своите најголеми хитови, од „Москва“ до„Летна авантура“, за на последната песна и нему да му се приклучи Малена.
Двајцата заедно го изведоа хитот со повеќе од 29 милиони прегледи, познатата „Бела“ која буквално сите го пееја во едн глас!
И еуфоријата уште не беше ни стивнала, а Панчо и Андреј или обајцата познати како ДНК направија атмосферата да еруптира. Изборот од нивните добро познати хитови ги знаат сите, па со нив пееја и младите и децата, а Бога ми и нивните родители! Особено импресивна заедничката изведба на мегахитот „Ако утре ме нема“ на кој пееше и танцуваше буквално и старо и младо и машко и женско… Сите!
На крајот „Велигденскиот хепенинг“ во Ѓорче Петров со својаот речиси 60-минутен настап го затворија кралевите на ноќните свирки, еден од најдобрите кавер бендови во Македонија, единствените „Либеро бенд“.
Нивната изведба во живо на дузина македонски хитови ја возеше публиката, но и држеше атмосферата на повеќе од потребното ниво, па Иван и „Либеро“ дружината уште еднаш покажаа дека се неприкосновени кога е во прашање добра журка!
Со ветување дека ова е прв, ама веројатно не и последен „Велигденски хепенинг“, водителот Антонио Димитриевски ја одјави програмата и се заблагодари и поздрави неколкуилјадната публика и ја затвори манифестацијата.
Идејата на Владо Мисајловски, Бојан Стојаноски заедно со целата екипа од ИЕ 2, се покажа како повеќе од успешна, а изведбата како проверен рецепт дека ваквите собири и дружења им се повеќе од потребни на граѓаните.
Спектаклот за уживање на сите генерации во Ѓорче, тоа и го потврди!