Го паметите ли Ване Цветанов, некогашниот државен функционер ( в.д. Претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Македонија“) кој на пошироката јавност и стана многу попознат како сопруг (сега бивш) на мисицата Дунавка Трифуновска, а подоцна и најпознат по тоа што беше разрешен за сторени финансиски проневери, кривично гонет за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување?

Ако Цветанов прв пат ја шокираше јавноста заради „љубовната сапуница“ налик на оние од турските серии, во која се заљубуваа, па раскинуваа, се земаа, па разведуваа со скопската мисица на која јавноста и го даде прекарот „Дунавка – аптекарка“ (заради аптеката која своевремено ја држеше). Втор пат шокот беше заради сите проневери на државни пари додека беше на висока функција, каде меѓудругото противправно си ја вработи и тогаш жена му Дунавка, по што беше разрешен па обвинет, а потоа го снема од земјата.

Сега Ване и по трет пат ја шокира јавноста со новата работа! Овој пат духовна! Зашто верувале или не, Ване Цветанов сега станал црковен или ако повеќе сакате верски проповедник!

Имено, како што самиот ќе изјави во едно свое неодамнешно интервју, религијата како и блискоста со партиите – ја менувал како фудбалерите дресови, од православен во протестант, па назад во православен и пак во протестанти… За сега да служи во една од бројните цркви во Струмица и струмичко, Евангелската црква кај Славе Велешанов.

„За да го пронајдам нашиот Господ Исус Христос и запознаам неговата милост, морав прво да се изгубам сосема, да залутам, бев пропаднат во пеколот, во мене живееше дух на смртта. Со скаменето срце од многу повреди и предавства, со ум кој што гледаше и размислуваше спротивно од Божјите принципи, имав заглавено во зависности од марихуана, седативи, антидепресиви, цигари и алкохол. Бев пропаднат во тешка депресија. Бев пред смрт… Да не беше Божјата милост и Неговата промисла да ме спаси, досега ќе бев заборавен, а мојата душа ќе беше во вечен пекол“ – ќе изјави Цветанов раскажувајжи ја својата порочно-покајничка приказна за патот низ пеколот до чистилиштето.

„Во месец април 2024-та година влегов во Христијански програм за рехабилитација и лечење од зависности. Програмот траеше 15 месеци, плус еден месец реинтеграција поминав. Овде се случи длабока духовна трансформација, запознавање со нашиот господ Исус Христос и одовде започна градењето на новиот Ване, а се“ што е старо остана таму“ – изјавил Цветанов во неодамнешното интервју за Религија.мк.

Така, некогашниот функционер и бившиот на Дунавка, сега станал проповедник. Ване Цветанов – грешник, измамник или верник, покајник? Времето ќе покаже, дали навистина го спознал Бог во себе или религијата му само нов параван за бегство од реалноста, јавноста, а можеби и од законот?

Фото: Инстаграм-архива/Фејсбук/Ване Цветанов







