Бобан Зафировски од Куманово, кого го знаат како Боби – Амадеус, не е непознато лице на македонската естрада. Има 56 години и потекнува од семејство каде што музиката отсекогаш била составен дел од животот. Музиката е негова голема љубов и движечка сила, а со текот на годините таа му станала и професија и начин на кој ги изразува своите емоции и се поврзува со луѓето. Уште оддамна сонувал да се појави во популарното шоу „Никогаш не е доцна“, верувајќи дека никогаш не е доцна за човекот да го покаже својот талент и да ги исполни своите младешки соништа.

Кој чека-ќе дочека, па така и 56-годишниот кумановец ја зграпчи својата шанса конечно да се појави во регионалното музичко талент шоу за повозрасни, „Никогаш не е доцна“. Со години свиреше во бенд и пееше, но неодамна реши сам да гради кариера како соло пејач.
„Прво почнав да свирам, бев срамежлив за пеење, но татко ми ме убеди да пеам. Професионално се занимавам со музика од мои 18 години“ – ќе рече Боби. Разведен е со години и како што вели, е навикнат сам да управува со сè во животот.

„Се оженив многу млад. По 15 години брак се разведовме и сега сум сè уште сам“ – рече Македонецот. Кога слушна дека е Боби слободен, Жика Јакшиќ објави конкурс и ги покани жените кои се слободни да го контактираат пејачот.

Придружба на Боби во студиото му беа две познати македонски естрадни лица, негови сограѓани, кумановци. Легендарниот фолк пејач Нино Величковски, како и композиторот и пејач Боби Серафимовски кои потсетија на нивното познанство и соработка со македонскиот натпреварувач.

Инаку Бобан се претстави во првиот круг со песната „Љубовник“ од Жељко Самарџиќ.
Во своите коментари, жирито нагласи дека Боби покажа сè што му требаше за неговиот прв настап на сцената. И глас и стајлинг!

„Мојата ситуација е слична и долго време свирев клавијатури со мојот брат и во разни бендови, а потоа сам се фатив за микрофонот. Ти посакувам слична кариера како мојата, да продолжиш да се подобруваш во пеењето“ – му рече Пеѓа Јовановиќ.

„Го испеа ова како сериозен љубовник. Мислам дека Браја, кој ја напиша песната, би бил задоволен како и Жељко, кој пееше“ – заклучи Маре.
„Сакав да ти го пофалам и стајлингот. Ти посакувам многу среќа. Некако твоето пеење ме потсети на начинот на кој пее Вадо Георгиев. Токму тоа му го кажав на Маре, го препознав тоа во твојот глас“ – додаде Марија Килибарда.

Претставувањето и настапот на Боби – Амадеус погледнете го на 59 минути и 55 секунди (059:55) во видеото од целата емисија.



