Мегафон светската оперска легенда во Македонија

Тенорот со светска слава Пласидо Доминго на средба со премиерот Мицкоски и министерот Љутков

Тенорот со светска слава Пласидо Доминго на средба со премиерот Мицкоски и министерот Љутков

Пласидо Доминго, шпанскиот тенор со светска слава вчеравечер, (четврток 13.03.2025) имаше прием во Владата на Република Македонија каде што беше пречекан од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

„Бев домаќин во мојот кабинет на оперската легенда, Пласидо Доминго кој ќе има концерт во Скопје. Ми беше задоволство да разговараме за нашата култура, музика и заеднички да испратиме порака на разбирање, толеранција и заемна почит“ – споделил премиерот Мицкоски на Фејсбук.

Доминго во Скопје ќе настапи вечерва во 21:00 часот во салата „Борис Трајковски“ заедно со оркестарот на Македонската опера и балет и италијанската сопранистка Марија Жосе Сири, а ќе диригира Жорди Бернасер од Шпанија.

Инаку, Пласидо Доминго  вчера попладне, пристигна во Скопје, а неговото слетување го означи почетокот на едно од највозбудливите музички случувања во Македонија. Без  минута за одмор, славниот маестро од аеродромот директно се упати кон Македонската опера и балет, каде што заедно со оркестарот на МОБ  ја одржаа првата проба.

Ова доаѓање не е обичен концерт – ова е историски момент за македонската културна сцена. Гласот што одекнувал низ најпрестижните театри во светот, на вечерва, петок 14 март ќе ја исполни сцената во арена „Борис Трајковски“, а енергијата на неговото присуство веќе се чувствува меѓу музичарите и љубителите на операта.

Македонија го дочекува Доминго со восхит, а легендата започнува да ја испишува својата најнова музичка приказна.

Фото: Стефан Самандов/Министерство за култура

To top