Радио Милева во вистински раце...

Сите добитници на „Златна бубамара“ наградите си ги однесоа дома, само „Меморија“ му ја посветија и подарија на Филип Николоски (ФОТО)

Сите добитници на „Златна бубамара“ наградите си ги однесоа дома, само „Меморија“ му ја посветија и подарија на Филип Николоски (ФОТО)

Помина уште една „Златна бубамара на популарноста“. Манифестација која е општонародна журка за музичка веселба и комична стенд ап забава за народот, а патем познатото скопско радио доделува и награди за одредени успеси и остварувања на естрадата, музиката, спортот, умтноста, културата…

Годинава вообичаено, речиси две дузини наградени. И тоа по разни основи. Од актуелни достигнувања до животни остварувања! Музички, театарски, ликовни, поетски, спортски, концертни…!

И секој од наградените протагонисти како што налага протоколот  излезе на сцената да си ја прими наградата… Една, две, па некои дури и три, да го каже своето подготвено или импровизирано парче говор, па ако е во сценариото за настап и настапи, за на крај среќен, задоволен, исполнет и насмеан да си замине со наградата дома.

Меѓу наградените легендарната македонска рок група „Меморија“ годинава се закити со две статуетки. За најдобра Рок група во 2024 година, а спектакуларниот концерт во арената „Борис Трајковски“  на годинешнава „Златна бубамара на популарноста“ беше прогласен и за  Рок концерт на годината.

Откако атрактивната и шармантна спортска новинарка и ТВ водителка Јана Серафимова им ги врачи наградите, бендот на сцената изведе две од неговите најнови песни. Рок баладата „За тебе“ и певливата ска тема „За добро да е“ која во себе носи моќна порака за оптимизмот во животот и кога во него се соочуваме со најтешките проблеми и најболни ситуации.

За жал, заради здравствени проблеми Ристо Самарџиев кој ги пее вокалите во песната не можеше да присуствува на церемонијата, па на негово место другиот вокал на бендот, Поце Икономов ја отпеа истата. Но не сам, зашто со „Меморија“ на сцената, како и на нивниот награден концерт се појави  момчето во инвалидска количка, прилепчанецот Филип Николоски кој и покрај хендикепот тој многу ја сака музиката, свири на синтисајзер, пее и настапува. Групата и тој и овој пат покажаа дека сите колку да и да сме различни, сепак имаме иста душа… Истата онаа која и бендот и Филип уште еднаш ја споделија со публиката, а таа со широко срце им возврати.

Но, возвратија и членовите на „Меморија“, па за разлика од сите други добитници на „Златна бубамара“ кои наградите си ги однесоа дома, тие наградата за концертот му ја посветија и подарија на Филип Николоски. За спомен, трајно сеќавање и придонес, зашто во нивниот концерт и тој остави парче од својата душа!

Како и  членовите на „Меморија“ кои преку нивната песна им вдахна дел и од својата хумана душа, полна со ведрина и оптимизам на сите кои се соочиле и се соочуваат со најтешките животни предизвици,  како младиот музичар во инвалидака количка, а бендот едногласно реши наградата да заврши во вистински раце… Во рацете на Филип!

„Благодариме за наградата за ‘Најдобар рок концерт 2024’ и ‘Најдобра рок група за 2024’ @filip_nikoloski благодариме што не придружуваше на сцена со својата позитивна енергија, наградата заслужно ти ја доделуваме на тебе“ – споделија членовите на „Меморија“ покрај фотографиите на својот официјален Инстаграм профил.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by MEMORIJA (@vis_memorija)

Ниту младиот прилепчанец не можеше да ги скрие радоста, среќата и емоциите, па Филип на својот Инстаграм исто така возврати со порака на благодарност за наградата кон „Радио Бубамара“ и  членовите на „Меморија“…

„Огромна благодарност за неочекуваната награда! Мотивација плус за мене, и потврда дека она што го работам, музиката, е вистинското нешто! Прекрасно изненадување, и се уште под импресии од синоќешниот настан! @vis_memorija Дечки ви благодарам од срце за се!
Да сте ми живи и здрави! САМО НА ДОБРО НЕКА Е“ – споделил Филип.

Фото: Инстаграм/filip_nikoloski – Aлександар Ристовски/црно-бело/Фемина.мк/vis_memorija/

 

To top