Во вторник, на 11 јуни 2024 година, во Македонскиот народен театар, со почеток во 20:00 часот, ќе може да го проследите концертот „Седенка се збира“, концерт на Танец посветен на 100-годишнината од раѓањето на Ѓорѓи Димчевски, еден од легендарните македонски музичари од сферата на народната музика, кој остави неизбришлива трага во историјата на ансамблот „Танец“ и во македонската музичка култура, воопшто.
Во „Танец“ се вработил во 1954 година и на тоа место останал до крајот на својот работен век, до 1978 година, кога се пензионирал. Цели 25 години бил раководител на оркестарот, солист на виолина и тамбура, аранжер на песни и инструментални мелодии, но и автор на музички обработки на цели кореографии. Исто така, бил и одличен свирач на зурла, меѓу другото и на антологиското оро „Тешкото“. Со „Танец“ патувал насекаде низ светот, ширејќи го автентичниот македонски фолклор, а како инструменталист и автор на бројни музички обработки, тој е недвосмислено еден од значајните културни дејци, кои зад себе оставиле препознатлив печат во македонската музичка историја. Во архивата на „Танец“ е забележано дека меѓу авторите на музички обработки за сите 75 години, Ѓорѓи Димчевски е на водечкото место, со 25 регистрирани кореографии. Неговото име стои зад антологиските постановки: Мариовска тресеница, Осоговка, Жетварка, Водарки, Тропнало оро, Цвеќеберачки, Солунка, Русалии и др. Исто така, за време на својот богат творечки век, запишал и мелографирал неколку стотици македонски народни мелодии и објавил неколку книги со народни песни и ора, „Вие се оро македонско“, „Седенка се збира“, „Македонски ора“, „Ајде да пееме заедно“. Ваквиот богат творечки опус, за ансамблот Танец, но и надвор од него, не обврзува да му приредиме музичко-сценски настан во чест на 100 годишнината од неговото раѓање, што ќе биде достоен за неговата големина. Програмскиот фокус е ставен на кореографското творештво, но и на неколку вокални, инструментални и вокално-инструментални сплетови, составени од прекрасни народни мелодии, коишто биле предмет на неговите музички обработки. На концертниот дел од програмата ќе ù претходи документарен видео осврт кон неговиот за живот и дело, за што се користени на архивски материјали од Танец, МРТ и приватната колекција на семејството Димчевски.