Почнувајќи од четврток, 22 октомври, креативниот центар „Сончогледи” во Скопје организира циклус од 4 креативни работилници под наслов „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“ кој ќе им овозможи на децата преку приказни, разговор, движење и творење да се запознаат со светот на уметноста и да го истражуваат сопствениот креативен израз.
Пабло Пикасо, Салвадор Дали, Василиј Кандински и Винсент ван Гог се четворицата уметници вклучени во овој циклус работилници кои ќе ги инспирираат младите посетители со своите различни светови и идеи, но и специфичните начини на изразување.
Секоја од овие креативни средби ќе вклучува кратко запознавање со приказната на уметникот и неговите техники на творење, создавање свое уметничко дело, а потоа и оживување на приказните преку актерска игра и пантомима.
Проектот е наменет за деца на возраст од 6 години па нагоре и предвидува реализација на четири тематски работилници, во кои литературата, ликовната уметност и пантомимата се поврзуваат во единствена едукативна програма. Неговата цел е да ја поттикне детската љубопитност, да го развива креативното размислување и да отвори простор за прашања, слободно изразување, соработка и запознавање со светската уметност.
Циклусот ќе биде заокружен со јавен настан во просториите на креативниот центар „Сончогледи“, на кој ќе бидат претставени резултатите од работилниците. Настанот ќе опфати групна изложба на изработените детски дела, пантомимски перформанс и завршна читачка работилница посветена на уметниците обработени во текот на циклусот и нивното значење во историјата на уметноста.
Влезот за секоја од работилниците е слободен.
Работилниците ги водат Марина Туфекчиевска, комуниколог и дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност; Кристина Таневска, визуелен уметник, ликовен педагог, вајар и магистер по сликарство и Мето Јанакиевски, историчар на уметност и пантомимичар.
Проектот „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“ е поддржан од Град Скопје.
фото: Креативен центар Сончогледи






