Повредените во пожарот во клубот „Пулс“ кои се наоѓаат на рехабилитација во одморалиштето на МВР на Пониква, во знак на почит кон загинатите во трагедијата пуштија 62 бели балони.
Од дворот на манастирот „Св. Василиј Велики“ на Пониква тие упатија порака и барање за простување што не успеале да им помогнат и да ги спасат од огнот.
„Ние сме децата што преживеавме една ноќ што никогаш нема да ја заборавиме. Ноќта кога небото се замрачи и срцата ни се распаднаа. Ноќта кога изгубивме 62 наши браќа и сестри, другари, пријатели, делови од нашите души.
Денес не стоиме овде како жртви, туку како сведоци. Сведоци на една болка што не поминува, но и на една љубов што никогаш нема да згасне.
За вас, нашите ангели – ви праќаме опрост. Опрост што не можевме да ве спасиме. Опрост што продолживме да живееме, додека вие останавте млади засекогаш.Но и ветување – дека никогаш нема да ве заборавиме. Вашите имиња се врежани во нашите срца. Вашите насмевки се нашето светло. Вашиот спомен е нашата сила.Ќе живееме за вас. Ќе зборуваме за вас. Ќе се бориме за вистината и за правда – во ваше име.
Почивајте во мир, мили наши. Секогаш ќе бидете со нас – во секоја солза, во секој здив, во секој чекор“ – истакнаа во пораката повредените во клубот „Пулс“.