Занаетчиска комора Скопје, во соработка со „Скопје Сити Мол“ и финансиска подршка на Град Скопје од денеска до 13 септември ја организира манифестацијата „Денови на филигран“, посветена на промоција и зачувување на филигранството како еден од најпрепознатливите традиционални занаети.
Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со уметноста на филигранот, да ги видат уникатните рачно изработени производи на филигранџиите и да дознаат повеќе за техниките, знаењето и вештините што стојат зад нивната изработка.
Како што се наведува во најавата, настанот има за цел да ја доближи филигранската традиција до пошироката јавност, особено до младите и да ја истакне нејзината вредност не само како дел од нашето културно наследство, туку и како современ креативен занает со потенцијал за претприемништво, самовработување и развој на уникатни домашни производи.
„Денови на филигран“ ќе биде можност на едно место да се претстават занаетчиите-филигранисти и нивните автентични изработки, во кои традиционалните техники се спојуваат со современиот дизајн и новите трендови.
Занаетчиска комора Скопје со овој настан, како што нагласува, продолжува со своите активности за промоција на занаетчиството, поддршка на занаетчиите и пренесување на традиционалните занаетчиски знаења и вештини на новите генерации. мч/са/
фото: плакат







