Мегафон

Почнува 77. Меѓународен филмски фестивал во Кан

Почнува 77. Меѓународен филмски фестивал во Кан

Во Кан, Франција, денес, 14 мај 2024, почнува 77. Меѓународен филмски фестивал, којшто ќе го одбележи враќањето на ѕвезди како Мерил Стрип, Френсис Форд Копола и Катрин Денев, а  за главната награда – „Златна палма“ ќе се борат 22 остварувања.

Фестивалот ќе трае до 25 мај. Во трката, меѓу другото, е и „Мегалополис“ на Копола, со којшто познатиот режисер се враќа во Кан 45 години по „Златната палма“ за култниот антивоен филм „Апокалипса сега“. На списокот се најде и филм на режисерот Жак Одијар, добитник на „Златната палма“ од 2015 година. Тој годинава ќе се натпреварува со „Емилија Перез“ – жанровски определен како криминалистички мјузикл, со Селена Гомез во главната улога.

Во конкуренција за „Златната палма“ е и филмот на прогонетиот руски режисер Кирил Серебреников – „Лимонов“, како и „Видови љубезност“ на Јоргос Лантимос.

Режисерот Кристоф Оноре ќе се натпреварува со филмот „Марчело мио“ – посветен на Марчело Мастројани, кој почина во 1996 година, а годинава се одбележува 100-годишнината од неговото раѓање. За него ќе зборуваат Катрин Денев и ќерка му Кјара Мастројани.

Мерил Стрип (74) ќе добие почесна „Златна палма“ на свеченото отворање на фестивалот. Оваа година и креаторот на брендот „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас ќе биде почестен со „Златна палма“, како и продукцијата „Студио Гибли“ на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Претседател на жирито годинава е Грета Гервиг, американската независна режисерка чијшто филм „Барби“ заработи повеќе од една милијарда долари.

Минатогодишниот победник беше „Анатомија на падот“ на француската режисерка Жастин Трие, којшто потоа доби и „Оскар“ за најдобро сценарио од Американската академија за филмски уметности и науки.

Престижната „Златна палма“, вообичаено вредна околу 20.000 евра, се чува во добро обезбеден сеф на непознато место – до нејзиното предавање. Жирито во најголема тајност одлучува за победникот. Покрај „Златната палма“, од 2000 година се доделува и „Мини-палма“, макета на „Златната палма“ – за најдобра глумица и глумец.

To top