Мегафон без сенс за елементарно човечко достоинство?

Онака како што се однесуваат, излегува дека за АД Бутел сите сме само бројка со пропишан тајминг?

Онака како што се однесуваат, излегува дека за АД Бутел сите сме само бројка со пропишан тајминг?

Денес, четврток, 20 март 2025   на гробиштата Бутел во Скопје беше извршен погребот на Андреј Ѓоргиески, член на бендот ДНК, кој на 16 март трагично го загуби животот во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани.

На тажното збогување на гробиштата беа присутни голем број луѓе, меѓу кои најблиските, роднините и блиски членови на семејството, другари,  пријатели,  колеги, блиските соработници и претставници на медиумите.

Недогледни колони луѓе со венци, цвеќиња и икебани чекаа да му оддадат последна почит на македонскиот пејач и пред се’ редок човек, каков што беше Андреј.

Она што создаде револт кај мноштото дојдени да се простат со трагично починатиот артист, беше тајмингот на простувањето од покојникот. И по час и половина чекање да влезат во капелата каде што беа изложени посмртните останки, речиси половина луѓе не успејаа во она за што беа дојдени. Во 11.30 часот свештените лица ја започнаа својата погребна литургија која траеше половина час, за веднаш потоа претставник на АД Бутел да излезе и пред насобраниот народ да каже дека повеќе не ќе може да се влезе во капелата, а со простувањето да се продолжи на самото вечно почивалиште на Андреј. Одлука која ја донеле зашто семејството и на трагично починатиот битбоксер Буцо наводно инсистирало од 12 часот да бидат и неговите посмртни останки изложени во истата капела. Дури и да е така во ред. Но, не тоа да им се соопшти на присутните во „12 и пет“ на најмизерен и најнесоодветен начин, небаре сме на селски панаѓур а не на погреб, со „чујте и почујте“ викајќи од пред скалите на вратата на капелата во која половината не успејаа да се простат со покојникот!

Имено, она што предизвика незадоволство е чудната одлука на надлежните во АД Бутел кој морал однапред да предвиди и да се информира дека кај починатите естрадни уметници ќе дојде мноштво народ, стотици, па дури и илјадници луѓе. Многу повеќе од вообичаеното, па толкава бројка народ своето сочуство не ќе можеда го изрази во одредениот временски термин од час и половина, па затоа тајмингот за истиот чин морале да го планираат поинаку. Или да обезбедат различна капела за двајцата покојници или да го пролонгираат времето од едниот до другиот погреб за најмалку уште еден час.

Упатувањето да се изрази последна почит на најблиското семејство на покојниот на самото вечно почивалиште е во најмала рака неумесно и нехумано. Зашто како да го сторите тоа во миговите кога сандакот со посмртните останки на нечије чедо, родител, брат, сопруг… гробарите го спуштаат во гробот? Како во најтрогателниот и најтажен момент за семејството тие да чекаат маса од 50-60, можеби над 100 луѓе да им изразува сочувство кое кој знае колку би траело пред отворениот гроб на нивниот најмил?

Ама за АД Бутел излегува дека поважни се е времето и бројчаникот, отколку елементарното човечко достоинство? Како да работат на норма!?

Зашто вака, како што се однесуваат излегува дека за АД Бутел сите сме само бројка со пропишан тајминг?! Збиен, според нивните норми, без можност за отстапки дури и кога е во прашање и елементарното човечко достоинство!?

To top